Стил
Новогодишни подароци за богатници
„Фантази миракл“ е градник на модната куќа позната по сексапилната долна облека „Викторија сикрет“. Дизајнерот на накит Мартин Кац го направил овој градник изработен од 3.575 црни и 110 бели дијаманти, како и 34 рубини. Цената е 3.350.000 фунти.
Не е доволно што богатите трошат енормни суми пари за шампанско, туку на тој пенлив пијалак сакаат да му дадат посебен третман, сместувајќи го во златни „држачи“. Цената е 267.000 фунти.
Најдрагото кадифено мече секогаш има непроценлива вредност, но она на производителот „Штајф“, чие мохер - крзно зашиено со златен конец е уште повредно. Очите на мечето се направени од два сафира, опкружени со 20 дијамантчиња, а носот и устата се од чисто злато. Цената на ова мече е 43.000 фунти.
Дека богатите и при пиење вода мораат да бидат посебни, докажува шишенцето со вода од изворот Венлок во британската покраина Шропшајр. Шишенцето е украсено со 6.500 кристали „сваровски“, а се наплатува 1.000 фунти.
Јапонскиот дизајнер Ајано Кимура, опседнат со кристалите, својот дизајнерски потпис го ставил на 20 компјутери од линијата „мекбук ер голденејџ“. На подлога од 24-каратно злато, ставил 12.000 црни кристалчиња и така го дизајнирал најлуксузниот преносен компјутер. Ваквиот лаптоп чини 20.000 фунти.
Слушалките за уши, изработени од 18-каратно злато и 59 дијаманти, се дел од линијата на накит на Клајв Ренџ и нивната цена изнесува 3.499 фунти.
Клозетската шолја обложена со илјадници кристали е дело на дизајнерот Џемал Рајт. Нејзината цена изнесува 50.000 фунти, а во истата „колекција“ се произведуваат мијалник и биде.
|