Кондолиза Рајс во „историска“ посета на Либија
ВАШИНГТОН - Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс ќе оствари „историска“ посета на Либија, најави Стејт департментот. Нејзината посета ќе биде прва од страна на американски државен секретар на Либија од 1953 година.
Либија беше на списокот на Стејт департментот на земји кои спонзорираат тероризам до 2006 година, кога се откажа од оружјето за масовно уништување и од тероризмот. На почетокот на месецот, Либија се согласи да исплати надомест за семејствата на жртвите од Локерби во 1988 година. Со договорот се подготви теренот за посета на Рајс на земјата која некогаш се сметаше за отпадничка.
Либискиот лидер Моамер Гадафи, кој од поранешниот претседател Роналд Реган беше опишан како „бесно куче“, ќе биде домаќин на Рајс.
Стејт департментот соопшти дека тоа е доказ дека САД немаат постојани непријатели и го покажува успехот на политиката на не-ширење на администрацијата на Буш. Вашингтон се надева дека ќе им покаже на другите земји, како Северна Кореја и Иран, како можат да извлечат полза од приближувањето со САД.
Што се однесува до Либија, се започна во 2003 година, кога Гадафи реши да се откаже од оружјето за масовно уништување и од тероризмот. Вашингтон ги обнови дипломатските односи со Либија во 2006 година, но последниот дел од загатката беше сеопфатниот план договорен од двете земји, за надомест на роднините на 270 жртви од бомбардирањето на авионот на „Пан Ам“ над Локерби во 1988 година.
Неделава Гадафи, исто така, го најави крајот на долгата отуѓеност на неговата земја од САД, но рече дека она што го сака Либија сега е да биде оставена на мир. (Би-Би-Си) |