Данска и Германија ќе се поврзат со мост
Потпишан договор за изградба на мост меѓу двете земји во теснина на Балтичко Море долг 20 километри
КОПЕНХАГЕН - Данска и Германија потпишаа договор за изградба на 20-километарски мост меѓу двете земји во теснина на Балтичко Море. Сега за сообраќај меѓу Копенхаген и Хамбург се користат фериботи, кои минуваат низ Фехмарновата теснина.
Работата на патот и железничката пруга во вредност од 4,2 милијарди евра, треба да започне во 2012 година, и да биде завршена до 2018 година. Сепак, германските еколошки групи и некои локални органи силно се спротивставуваат на планот. Мостот ќе се протега од Родбајхавн на данскиот остров Лоланд, до Путгарден на германскиот остров Фехмарн. Проектот ќе биде финансиран речиси целосно од Данска, а трошоците ќе бидат надоместени преку патарини. Германија ќе плати само за поврзувањето на мостот со постојниот патен и железнички систем.
Договорот беше потпишан од германскиот министер за транспорт, Волфганг Тифенсее, и неговиот дански колега, Карина Кристенсен во средата во Копенхаген.
„Ова е добар ден за зајакнување на комуникациските патишта во Европа“, рече Тифенсее. „Ова е најголемиот градежен проект на северна Европа. Кога ја прошируваме Европа, треба, исто така, да градиме мостови“.
Група Германци против мостот организираа мирен протест во близина на местото каде што се случи потпишувањето. Нивниот портпарол Јурген Боос рече дека шестгодишната градба ќе и' наштети на туристичката индустрија на Фехмарн и дека ќе биде закана за околу 20 милиони птици долж крајбрежјето на Фехмарн. Германската Федерација за заштита на природата соопшти дека ќе ги искористи сите правни можности, за да се обиде да го стопира проектот.
Михаел Крамер, член на Европскиот парламент од Партијата на зелените рече дека Данска и Германија направиле „грешка од повеќе милијарди евра“. Проектот е „меѓу најскапите поединечни проекти во планот за транс-европски мрежи, и исто така, еден од најневажните“, рече тој.
Сепак Карина Кристенсен ги отфрли критиките истакнувајќи дека врската ќе значи намалување на гасовите со ефект на стаклена градина во споредба со фериботите кои сега минуваат преку теснината. (Би-Би-Си) |