Уставен суд со кавгите се поткопува однатре
Актуелниот претседател Трендафил Ивановски тврди дека последниот инцидент не ја нарушил атмосферата во Судот
Гордана Дувњак
„Уставен суд се распаѓа. Се атакува врз него и однадвор, но што е уште пострашно и однатре, а се' со цел да се наруши неговиот интегритет и да се предизвикаат персонални смени. Згрозен сум од она што се случува таму. Инцидентот со Зоран Сулејманов не го сметам за случаен и за нервозна реакција на еден судија, туку за обид да се блокира донесувањето една одлука“, вели малку разочарано поранешниот претседател на Уставен суд и профе��ор во пензија, Милан Нетков. Вината ја гледа во на партиите и во нивната желба за контрола врз Уставен суд.
Професорот тврди дека во негово време немало шанса да се случи вакво нешто, затоа што, и покрај недоразбирањата што ги имале за одделни прашања, секогаш многу се водело сметка за дигнитетот на Судот. „Не дозволувавме некој судија да го повиши гласот, а камоли да се навредуваат меѓу себе или да се напуштаат седници“, категоричен е Нетков.
Судијата Сулејманов тврдеше дека тоа го направил зашто му било прекршено неговото деловничко право да бара одлагање на точки на дневен ред, а неговиот предлог воопшто не бил ставен на гласање. Мнозинството, пак, смета дека намерно го предизвикал инцидентот, бидејќи дел од неговите аргументи не држеле вода. Судот одлучувал и во отсуство на повеќе судии (еден период немаше дури тројца), при што материјалот бил солидно подготвен, а составен дел од предметот биле и компаративните искуства. Извесно сомневање кај некои од нив, сепак, остава инсистирањето на судијата-известител по секоја цена да се стави на дневен ред точката за Законот за електронски комуникации, за кој признаваат дека е архивиран пред повеќе од два месеца.
Но, демонстративното напуштање на седници на Уставен суд не е ексклузивитет на споменатиот судија, туку го практикувале и други судии од овој состав. Еден од нив е судијата Игор Спировски, кој истиот метод го искористи кога од тогашниот претседател Махмуд Јусуфи бараше да се стави на дневен ред точката за Законот за употреба на етничките знамиња.
Дали последната грда сцена, во која главни актери беа дури тројца судии (Зоран Сулејманов, Игор Спировски и Трендафил Ивановски), од кои еден е претседател, е знак за сериозно нарушена атмосфера во највисоката судска институција за оцена на уставноста и законитоста?
Претседателот на овој Суд, Трендафил Ивановски, не се согласува целосно со ваквата оцена, при што смета дека таа е претерана.
„Атмосферата не е нарушена, но признавам дека и колегите не се задоволни од вакви инциденти што се случуваат пред очите на камерите, а кои го нарушуваат угледот на оваа институција“, вели Ивановски и признава дека и порано имало искричења.
Првиот човек на Уставен суд нагласува дека нема ништо лично со судијата, па дури и дека е еден од ретките што со Сулејманов имале и ќе имаат коректни релации.
„Често ми приговараат останатите судии дека премногу го толерирам споменатиот судија. Секогаш тргнував од тоа дека секој од нас самиот е одговорен за својот однос, а мое е да се држам до Деловникот и да не дозволам да се упаѓа во збор“, додава тој. Негира дека неправедно му го одзел правото на судијата да зборува и тврди дека од него само побарал појасно да го формулира предлогот.
Ивановски потврдува дека Сулејманов веќе подолго време ги избегнува и неформалните средби и колегиуми на кои разговараат за организациските проблеми и за меѓународната соработка. Доаѓал само на седниците, а останатото време, главно, го минува во својот кабинет.
Судијата Сулејманов вчера не сакаше ништо да коментира околу последниот настан и се закани со тужба доколку се објави нешто од него како изјава.
Како што можевме неофицијално да дознаеме од судските кругови, главна причина за неговото повеќемесечно апстинирање од состаноците е поранешната претседателка на Уставен суд, Лилјана Ингилизова, со која не зборувал повеќе од пет години. А, најмногу и' е лут поради тоа што во некоја пригода пред сите колеги му ги колнела децата. |