Тачи копа и низ досието „Гервала“
Убиените браќа Гервала, наводно, се споменувале во едно од „дворските“ досиеја
ТЕТОВО - Хисен Гервала, советник за национални прашања на косовскиот политичар Рамуш Харадинај, дојде во Тетово, се виде со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, и ги разбуди духовите во чаршијата. Причината е досието „Гервала“, кое датира од 1982 година, кога во Франкфурт, Германија, биле убиени неговите двајца браќа.
Наводно, во трите досиеја што во дворот ги пронашол професорот Шпенд Љуши пред неколку дена се споменувале имињата на браќата Гервала и нивниот пријател Кадри Зека. Тројцата биле уби��ни во 1982 година, пред нивниот стан во Франкфурт. За нивното ликвидирање, за кое уште од почетокот се зборувало дека е дело на тајните служби, како што се наведува, бил ангажиран соработник од Македонија познат како „Даја“ („Вујко“).
„За мене прашањето за причините за убиството на моите двајца браќа, Јусуф и Бардуш, од пред 30 години е нешто ново што не го знам. Имам желба да ми кажете за овие работи, но не овде. Ние како семејство сме многу заинтересирани“, одговори вчера Гервала на новинарските прашања. Средбата со Тачи тој ја смести во рамките на неговите редовни средби со лидери на Албанците во регионот. Гервала рече дека на Косово нема отворено прашање за досиеја и за лустрација, како што тоа било случај во Македонија.
Браќата Јусуф и Бардуш Гервала и нивниот пријател Зека, наводно, биле меѓу поистакнатите активисти и основачи на Народното движење за Косово. Во Германија престојувале како емигранти и барале азил. За нивното убиство се' уште се водела постапка во Германија, но убиецот или нарачателот до денес не биле познати. Некои сведоци тврделе дека виделе две лица што пукале во тројцата. Во тоа време третиот брат Хисен Гервала живеел и работел во Швајцарија. Во меѓувреме, семејството Гервала основало фондација, со цел да се соберат можни архивски материјали во врска со убиството. Иницијатор била ќерката на Јусуф, Доника, која живее надвор од Косово. За постариот брат Јусуф се дознава дека извесно време работел како новинар во Скопје, каде што и се оженил. Сепак, повеќе бил познат како музичар-инструменталист, особено на гитара. Се истакнувал и како пејач. Бардуш, пак, бил полиглот. Се служел со пет-шест светски јазици. Кадри Зека постојано бил со нив. Тројцата во тоа време се сметале за најголеми екстремисти. (Г.Е.) |