Крвава драма во полициска академија во Пакистан
Милитанти го зазедоа тренинг-центарот откако упаднаа во комплексот и во судир со полицајците убија најмалку 20 кадети
ЛАХОРЕ - Пакистанските безбедносни сили соопштија дека тие успеале да ја вратат контролата над зградата на полициската академија во градот Лахоре по осум часа откако таа беше заземена од група милитанти. Висок претставник на Министерството за внатрешни работи соопшти дека четворица милитанти се убиени при расчистувањето на ситуацијата, а тројца се уапсени.
Милитанти вчера претпладне се засолнија во полициски тренинг-центар во пакистанскиот град Лахоре, откако упаднаа во комплексот и убија кадети, се проценува дека станува збор за околу 20 жртви. Министерот за внатрешни работи Рехман Малик изјави дека 52 полицајци се повредедни во нападот, но не излезе со бројка на загинати. Гувернерот на провинцијата Пенџаб, Салман Тасир, изјави дека властите имаа потврдени информации за четворица убиени, иако ТВ-каналите излегоа со бројка од 20 загинати.
Припадници на армијата и паравоените единици извршија опсада врз комплексот, отворајќи оган од покривите на околните згради, на што вооружените лица возвратија и истрелаа гранати за да ги натераат безбедносните сили да се бранат. „Нашата елитна единица го опколи местото. Со божја помош, сега ќе влеземе во објектот“, изјави Муштак Сукера, висок официјален претставник на полицијата пред новинарите на местото на настанот. „Избројав 12 тела, но не знам точно за колкав број на загинати станува збор“, изјави Мохамад Раза, друг полицаец. Гувернерот Тасир посочи дека околу 10 вооружени лица го извршиле нападот, додека пак еден повреден полицаец наведе дека во комплексот има околу 20 напаѓачи. Нема информации дали некои кадети се држат како заложници.
Нападот се случ�� нешто помалку од еден месец откако десетина вооружени лица го нападнаа крикет тимот на Шри Ланкаво градот, притоа убивајќи шестмина полицајци и возачот на автобусот. Тие напаѓачи успеаја да избегаат.
Тренинг центарот се наоѓа на периферијата од градот, на патот кон границата со Индија, која е во непосредна близина. „Тоа е продолжување на серијата напади што ги извршуваат терористи“, изјави Тасир пред новинарите, додавајќи дека во областа е воведен полициски час. Последниот дрзок напад неизбежно ќе ги зголеми стравувањата околу се' поголемата несигурност во Пакистан, кој поседува нуклеарно оружје. Исламистичките милитанти почнаа кампања со употреба на сила за да ја дестабилизираат муслиманската држава, во која живеат 170 милиони луѓе, и капацитетот на една година старата цивилна влада да ги исполни очекувањата.
Американскиот претседател Барак Обама направи поддршката за владата на претседателот Асиф Али Зардари да има централно место во ревидирањето на политиката кон Авганистан и Пакистан, што беше обелоденето во петокот, а уништувањето на Ал Каеда да биде главна цел на САД. Официјалниот претставник на полицијата Сукера изјави дека околу 850 кадети го посетувале тренинг центарот, но полицијата не може со сигурност да каже колкумина биле во комплексот за време на нападот кој почна околу 7,30 часот. (Ројтерс) |