Масакр во дом за стари лица во Северна Каролина
Роберт Стјуарт (45) убил седум постари лица, жители во домот, и едно медицинско лице пред да биде совладан
КАРТИЏ - Елери Кристол можеше само да го скрие своето лице во кошулата кога маж упадна во нејзината соба во старечкиот дом во Северна Каролина, но во телефонскиот разговор со својата внука, тинејџерка, успеа испаничено да и' каже: човек со „ловечко оружје“ е „тука и стрела“. Беверли Мекнил вели дека Кристол, нејзината мајка, без објаснување била поштедена од гневот на напаѓачот.
Меѓутоа, властите соопштија дека Роберт Стјуарт (45) убил седум постари лица жители во домот и едно медицинско лице, а повредил уште тројца. Масакрот конечно завршил кога еден млад полицаец го ранил Стјуарт.
Полицаецот „денес реагираше како вистински херој и благодарение на неговата акција беше спречена поголема трагедија“, изјави Морин Кругер, окружен јавен обвинител на областа Мур. До вчера попладне Кругер поднесе обвинителен акт против Стјуарт (45) од областа Мур, со осум обвиненија за убиство од прв степен и едно обвинение за тешко кривично дело напад врз припадник на полицијата. Властите обелоденија уште неколку детали, наведувајќи дека Стјуарт не бил пациент ниту вработен и не се верува дека е поврзан со ниту една од жртвите. „Не знам дали емоциите го предизвикале ова“, вели началникот на полицијата, Крис Мекензи, жител на Картиџ, кој наведе дека ништо во неговата речиси 20-годишна кариера не може да се спореди со убиството. „Ова е мала заедница изградена на доверба и вербата ќе ни помогне да го надминеме ова“.
Додека властите одбија да коментираат за можниот мотив, поранешната сопруга на Стјуарт изјави дека тој од неодамна контактирал со роднините и им велел дека има канцер и се подготвува за долг пат и „заминување“. Су Грифин открива дека пред 15 години се омажила за Стјуарт и дека немале никакви контакти од разводот во 2001 година, но тој во текот на минатата недела се обидел да контактира со неа. „Тој одвреме-навреме имаше насилнички тенденции“, открива таа.
Властите наведоа дека Стјуарт почнал да пука околу 10 часот изутрината во старечкиот дом „Пинакл хелт енд рихаб“ во Северна Каролина, на околу 96 км југозападно од Рол, отворајќи оган пред домот и внатре. Пукотницата заврши кога полицаецот Џастин Гарнер (25) во ходникот пукал кон Стјуарт, притоа повредувајќи го осомничениот. „Тој едноставно дојде и почна на пука во се' околу себе“, изјави сенаторот Харис Блејк од областа Мур, раскажувајќи го она што му било кажано од официјалните лица. Гарнер бил повреден во ногата, а полицаецот изјави дека Стјуарт повредил уште две други лица. Едно лице е хоспитализирано во регионалната болница „Фрст хелт“, во соседниот Пајнхрст, а полицијата открива дека Стјуарт е уапсен од страна на шерифот на областа Мур.
Жртвите кои живееле во Пајнлејк се на возраст од 78 до 98 години. Официјални претставници на криминалистичката служба го пребаруваат старечкиот дом и паркингот пред него, каде што се скршени прозорците на најмалку два автомобила. Меѓу предметите што ги пронашле се пушка или сачмарка, потпрени врз џип „чироки“. Картиџ е град со 1.800 жители во област популарна кај пензионерите и место во кое се наоѓа познатото одморалиште „Пајнхрст“, во кој се одржува Ју-Ес опен. (Асошиетед прес) |