Државата да се изјасни дали има пари за енергетиката
Во енергетската стратегија СБ не гледа приоритети и споредба со регионот; од вчерашната трибина
Се работи на нов закон за енергетика во кој ќе бидат вградени забелешките од ЕЕЗ
Соња Маџовска
На законската регулатива во енергетиката треба да се работи, советува Светска банка. Министерот за економија, Фатмир Бесими, најавува нов закон за енергетика. Според него, Министерството веќе подолго време работи на усогласување на законот со европските директиви во поглед на либерализација на енергетскиот пазар, а допрва ќе ги разгледуваат и вградат и забелешките од Европската енергетска заедница. „Имавме изготвено акционен план и пред овие укажувања од ЕЕЗ. Во оваа фаза што следува, ќе го направиме тоа што е добро за Македонија“, изјави вчера Бесими, кој немаше информации дали на средбите со еврокомесарот за проширување, Оли Рен, се разговарало за прашањата од енергетскиот сектор.
Законот за енергетика ќе мора да се доработи и да се усогласи со европските директиви, оти тоа ни го отвора патот кон Европската унија, советуваат експертите. „Законот за енергетика е жива материја и мора да се менува. Она што го добивме како задача е една слика, но треба да се додадат уште неколку елементи. Тоа мора да се реши, бидејќи така ни се отвора патот кон ЕУ. Имеме различни гледања на некои одредби од Законот и тие уште еднаш треба да се препрочитаат за да се види каде има недоразбирања. Се надевам дека ќе се најде оптимално решение за да се усогласат тие барања“, порача професорот Константин Димитров на вчерашната расправа, на која, всушност, се дискутираше за Енергетската стратегија изработена од МАНУ.
Светските банкари ни упатија неколку забелешки. Според нив, има многу приоритети во стратегијата, ама потешкиот дел е на кои проекти навистина ќе им се даде поголема, а на кои помала тежина. „Кога зборуваме за капитални инвестиции, како што се изградба на големи хидроцентрали, мора да се види дали тие ќе бидат конкурентни на регионалниот, поширокиот пазар. Меѓутоа, не можев да го забележам таквиот агол во стратегијата. Сакам да ја нагласам потребата за реформи во поширока смисла. Нешто на што треба да се работи е регулаторната рамка. Мора да се нагласи дека се работи за еден отворен пазар и ќе биде тешко да се добие евтина енергија. Мора да се воведат механизми за да им се помогне на ранливите категории, сиромашните. Тоа го има во стратегијата, но треба да му се даде поважно место“, истакна Питер Јохансен од Светска банка. Според него, Македонија треба да изработи подетална анализа каде што може да се остварат најголемите заштеди на енергија и како тоа се остварува во другите земји, да се направи споредба. „Македонија не е остров и ќе има слободен проток на енергија кон земјата и надвор од неа. Кога либерализацијата на пазарот ќе земе замав до 2015 година, мора да се очекува дека енергијата ќе се купува онаму каде што таа е најевтина“, вели Јохансен.
Домашните експерти прашуваат како ќе се финансираат овие капитални проекти, кога се прават ребаланси на буџетот на два-три месеци и не е прецизно одредено колку пари ќе се издвојуваат за капитални инвестиции.
„Во денешни услови, кога на два-три месеци се прави ребаланс на буџет, треба се прашаат министерот за финансии и Владата кои се можностите за следните години и колку од средствата за капитални вложувања ќе бидат одвоени за енергетиката. Таа е таква област каде што мора многу да се инвестира и тие пари се враќаат на долг рок. Тие се сигурно вложени средства на секој инвеститор, секогаш добивате, ама не преку ноќ“, објаснува професорот Димитров.
Во стратегијата се дадени насоки, но на државата останува што ќе прифати од тие сценарија, во рамките на своите можности кои што се финансиски, политички, а услов е и создавање поволна клима да дојдат странски инвестиции. Дел од експертите сметаат дека не треба да се прави фама од идејата за изградба на нуклеарка, во состојба кога земјава нема други алтернативи, како што се јаглен или гас. Остри реакции за стратегијата за енергетика упатија од невладиниот сектор. Тие порачаа дека со носењето на стратегијата флагрантно се кршат законите и европските директиви. Според нив, граѓаните не се детално запознаени, а би требало да бидат, како ќе влијаат овие проекти врз животната средина, особено ако се земе предвид дека со стратегијата се планира изградба на нуклеарка, термоцентрали и хидроцентрали. Министерот Бесими одговори дека токму затоа стратегијата е ставена на јавна расправа и вети дека забелешките ќе бидат вградени во финалната верзија. |