Редок вистински херој од војните во Југославија
Во Нови Сад e отворен уличниот премин Срѓан Алексиќ, по младиот Србин кој го бранеше пријател Бошњак
Во Нови Сад e отворен уличниот премин Срѓан Алексиќ, кој го доби името по младиот Србин, кој во 1993 година беше убиен од српските сили, бидејќи го бранеше својот сосед и пријател Бошњак.
Иницијативата ја поведоа неколку невладини организации со образложение дека Срѓан Алексиќ е еден од ретките вистински херои на војните на просторот на поранешна Југославија.
Љубиша Глушевиќ, кој потекнува од Требиње, а веќе 17 години живее во Нови САД, всушност, е човекот кој во медиумите и во невладините организации ја претстави идејата за именување на еден уличен премин во Нови Сад по неговиот сограѓанин Срѓан Алексиќ. Тој денес со големо задоволство гледа како се реализира оваа негова иницијатива: „Денес сум пресреќен поради тоа што Нови САД ја препозна вредноста на делото на Срѓан. Се надевам дека тоа ќе влијае генерациите што доаѓаат да учат за вистинските вредности и да не бидат затруени со националистичкото лудило од деведесетите години“.
Срѓан Алексиќ се обиде да му помогне на соседот и пријателот, Бошњакот Ален Главовиќ, кого на 21 јануари 1993 години го тепаа и малтретираа припадниците на армијата на Република Српска. Тогаш четворица војници наместо Главовиќ, со кундаците на пушките го претепаа Срѓан. Од здобиените повреди тој падна во кома. Почина во болницата во Требиње на 27 јануари 1993 година. Неговиот татко во некрологот напиша: „Умре вршејќи ја својата човечка должност.“
Еден од напаѓачите на Срѓан загина за време на војната додека, пак, останатите беа осудени на затворска казна од дваесет и осум месеци. Ален Главовиќ денес живее во Шведска, оженет е и има две деца. Секоја година тој доаѓа во Требиње и прво нешто што посетува во родниот град се градските гробишта каде што се наоѓа гробот на Срѓан Алексиќ.
Постхумно на Алексиќ му е доделена Повелбата на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Босна и Херцеговина. Една улица во Сараево, петнаесет години по неговата смрт, е наречена по него. Во образложението е следново: „Без луѓе како Срѓан Алексиќ и нивните херојски дела, човек би ја изгубил надежта во човечноста и без неа нашиот живот не би имал смисла“.
Во 2007 година Српската радио и телевизија сними и емитуваше документарен филм за Срѓан Алексиќ под наслов „Срѓо“. Невладините организации побараа од сите градови во регионот на една улица да и' го дадат името Срѓан Алексиќ и со тоа на недвосмислен начин да порачаат дека се за вистинско нормализирање на меѓусебните односи. (Дојче веле) |