Политичари и неколку рабини се уапсени од ФБИ
Меѓу уапсените се наоѓаат тројца градоначалници од државата Њу Џерси
Повеќе од 40 лица, вклучувајќи и политичари, официјални лица и неколку рабини, се уапсени во големата операција на ФБИ во САД. Триста агенти извршија рации на десетина локации во Њу Џерси и во Њујорк како дел од 10-годишната истрага за корупција и перење пари. Меѓу уапсените се наоѓаат тројца градоначалници од државата Њу Џерси и двајца членови на државното законодавство. Едно лице е обвинето за трговија со бурбрези, во која биле вклучени израелски донатори. Обвинителството посочи дека апсењата се дел од „двоканална“ истрага.
Вршителот на должноста јавен обвинител, Ралф Мара, пред новинарите изјави дека има 29 осомничени во, како што рече, делот „јавна корупција“ од истрагата, вклучувајќи и политичари. Од друга страна, тој наведе дека има 15 осомничени во врска со наводното меѓународно перење пари, вклучувајќи и рабини и нивни „помошници“. Обвинителството обвини еден човек за трговија со бубрези од израелски донатори за трансплантација, што се одвивала цела деценија. Се тврди дека „ранливи луѓе“ би се откажале од својот бубрег за 10.000 долари, за потоа да се продава за 160.000 долари.
Официјалните лица посочуваат дека истрагите првично биле фокусирани на мрежата каде тие тврдат дека се переле десетици милиони долари преку добротворни организации од рабини во Њу Џерси и во соседниот Њујорк. Иследниците користеле доушник за да и' пријдат на групата рабини од сириската еврејска заедница во Бруклин и општината Дил во Њу Џерси, за да му помогнат во криењето на неговата актива. Рабините ги претворале во пари чековите што тој ги давал за добротворните организации, кои тие ги контролирале и повторно му ги враќале, минус одреден процент, откриваат иследници��е. Истрагата потоа била проширена на наводната корупција меѓу официјалните лица поврзани со градежниот бум во Њу Џерси. Информаторот им бил претставен на голем број политичари и моќни локални официјални лица. Претставувајќи се како градежник, тој понудил мито во замена за привилегиран третман.
Државните законодавци Харви Смит и Даниел Ван Пелт се уапсени, како и градоначалниците на некои поголеми градови и општини во државата. Уапсени се и голем број градски градежни инспектори, како и инспектори за планирање и противпожарни. Мара изјави: „Изгледа дека секој сакал дел од колачот. Корупцијата беше распространета и општо присутна. Корупцијата била начин на живот за обвинетите“. Тој додаде дека политичари „доброволно се ставале себеси за продажба“, а свештениците „ги криеле нивните обемни криминални активности зад маската на чесност“.
Дописникот на Би-Би-Си јави дека мрежата за перење пари наводно била проширена во САД, Израел и во Швајцарија.
Џон Корзин, гувернерот на Њу Џерси, изјави:„Степенот на корупција што ја открива овој случај, едноставно е скандалозен и не може да биде толериран“. Ед Карер, агент на ФБИ, кој од самиот почеток е вклучен во истрагата изјави: „Проблемот со корупција во Њу Џерси е еден од најсериозните, ако не и најсериозен во државата. Таа се вкорени во политичката култура на Њу Џерси“. Друг агент на ФБИ изјави: „Листата на лица кои се уапсени звучи како список за средба на општински лидери, но, за жал, тие изутринава немаа средба во салата за состаноци, туку во салата за притвор на ФБИ“. Повеќето уапсени се пуштени со кауција.
Градоначалникот на Хобокен, Питер Камарано, беше обвинет дека земал мито. Неговиот адвокат изјави дека клиентот има намера да се спротивстави на обвинението „со сета своја сила додека не ја докаже својата невиност“. Адвокатот на 87-годишниот рабин Саул Касин од Бруклин изјави дека е срамота тоа што неговиот клиент бил „фатен во ова недоразбирање“. Дописниците јавуваат дека бројот на лицата што се уапсени е голем дури и за стандардите на Њу Џерси, каде што од 2001 година повеќе од 130 државни службеници примиле мито или биле прогласени за виновни по обвинение за корупција. (Би-Би-Си) |