Социјалците не се запалија на субвенциите за струја
Слаб одѕив во социјалните центри за државните 600 денари за потрошена енергија
Маја Томиќ
Корисниците на социјална помош не се многу загреани за добивање субвенции од државата за покривање на трошоците за струја, и покрај оптимистичките очекувања од Владата за навалица за искористување на оваа мерка, кога ги најавуваше дополнителните 600 денари на социјална сметка. Дали за недоволниот интерес причината е нивната неинформираност или, пак, ниската сума која нема значително да им влијае врз трошоците за електрична енергија? Или, пак, проблем за социјалците да аплицираат за оваа дополнителна парична помош е тоа што тие мораат да приложат последна платена сметка за струја или за купени дрва за огрев за да можат да ги добијат парите.
Од Министерството за труд и социјална политика убедуваат дека направиле се' што е потребно за нивно навремено информирање преку медиумите, како и преку општинските центри за социјална работа. Очекуваат дека во текот на последниот ден за пријавување, денес, ќе има поголема навалица, односно ќе се зголеми бројот на апликанти за добивање на 600 денари за струја плус редовната сума за социјална помош.
Иако денеска завршува рокот за подигнување енергетски ваучери, заклучно со вчера, во скопските центри за социјална помош се пријавиле само 500 лица. И тоа, во Карпош 202, Чаир 23, Шуто Оризари 102, Гази Баба 52, Кисела Вода 12, Бутел 50, Центар 20 и во Аеродром 37. Инаку, во Скопје се регистрирани најмногу корисници на социјална помош од земјава, односно 12.500. Вкупните бројки за пријавени социјалци, според Министерството, ќе се сумираат и соопштат во текот на наредната недела.
Според најновите измени во Законот за социјална заштита, во земјава има околу 52.000 социјално загрозени семејства и сите имаат можност до 15 октомври да аплицираат за дополнителна субвенција за потрошена енергија. Така што од ноември, заедно со редовната социјална помош, ќе им се исплатуваат дополнителните средства со кои ќе можат да ги покријат делумно трошоците за струја.
Заменик-министерот за труд и социјала, Спиро Ристевски, неодамна изјави дека на Владата и' е јасно оти тие пари не се доволни, за да се плати целата сума за потрошена електрична енергија или да се купат дрва за еден месец. Но, дека тие десет евра, сепак, ќе им бидат корисни на социјалците. Според моменталните пресметки на Владата, толку можело да се издвојува, а ако од идната година има повеќе пари во државната каса, можно е оваа сума да се зголеми, како и да се прошири бројот на енергетските ваучери.
Во овој владин проект наменет за сузбивање на сиромаштијата се вклучени само социјалните домаќинства, а не и сиромашните семејства со по еден вработен, како и стечајците, иако и тие живеат со мала парична помош.
Инаку, проектот е дел од владината Програма за субвенционирање на потрошувачката на енергија, за што ќе се издвојуваат по 36 милиони денари месечно, или околу 580.000 евра, обезбедени со ребалансот на буџетот. Помошта ќе трае до крајот на годинава, со намера исплатата да продолжи и во наредната година. |