За успешни проекти - гратис банкарски пари
Во обид да привлечат што повеќе клиенти, банките ќе им нудат на фирмите дури и гратис банкарски пари доколку тие успешно ги реализираат проектите за кои што го зеле од нив банкарскиот кредит.
ИК банка вчера промовираше кредити за енергетска ефикасност и конкурентност за малите и за средните македонски фирми.
Двете кредитни линија се со вкупна вредност од 6 милиони евра, обезбедени од Европската банка за обнова и развој. Каматата е 6 отсто, а рокот на отплата до 10 години.
Тоа што ги прави овие кредити примамливи е можноста фирмите да добијат паричен надомест за дел од инвестицијата во износ од 15 до 20 проценти откако успешно ќе се имплемент��ра проектот. Олеснителна околност за бизнисмените ќе биде и тоа што ЕБОР ќе обезбеди и техничка поддршка преку изработка на бизнис-план со кој ќе конкурираат. „Ќе работиме на тоа да ја подигнеме свесноста кај бизнис-заедницата за овие потреби, да ја подобрат конкурентноста и да им објасниме дека кредитите за енергетска ефикасност на фирмите ќе им се исплатат преку заштеда на енергија. Каматната стапка ќе биде околу 6 отсто, за рок на отплата до 6 години. Се' зависи од проектот што ќе се финансира“, истакна главниот извршен директор на ИК банка, Јуџел Инан. Од ИК банка велат дека оваа година поради потребите на фирмите ги зголемиле и кредитите за надминување на ликвидносните проблеми. Од ЕБОР велат дека одобрените кредитни линии на малите и на средните фирми им отвора простор за поттикнување на развојот на економијата. „Ја демонстрираме посветеноста на ЕБОР за постојана поддршка на македонските компании во подобрување на стандардите за квалитет со што им помагаме да станат силна конкуренција на компаниите во ЕУ“, посочи директорот на ЕБОР за Западен Балкан, Клаудио Вјецоли.
Министерот за економија, Фатмир Бесими, порача дека овие кредити добро ќе им дојдат на фирмите за полесно да се интегрираат на европскиот пазар. (С.М.) |