Државата не води грижа за хендикепираните
Слепите лица од „Светот на дланка“ обвинуваат за груби манипулации при нивното вработување
Снежана Калабакова
„Лицата со инвалидитет се заобиколуваат при вработувањата во државната администрација. Владата воопшто не води сметка за условите во кои живее оваа категорија граѓани. Доцни бедната сума од 4.000 денари помош за нега. Се прават многу манипулации и малверзации со нас. Државата покажува негрижливост“.
Вака се пожалија вчера од невладината организација за слепи лица „Светот на дланка“, најавувајќи дека незадоволството од односот на државата кон сите инвалиди ќе го изразат со мировен протест на 3 декември, кога се одбележува Светскиот ден на хендикепираните лица. Токму тогаш ќе се обединат сите категории инвалидизирани лица и ќе маршираат на потегот од Спомен- куќата на Мајка Тереза до Владата. Доколку некој од надлежните покаже слух и ги прими на разговор, ќе настапат со конкретни барања. Како што рекоа, повеќе нема да се раководат од народната - трпение спасение, бидејќи постојано се на удар на игри. Особено кога се вработуваат во заштитните работилници, чии газди шуруваат со власта. Најчесто трудовите инспектори се во пријателски односи со нивните газди и токму затоа ништо не преземаат. За вработување на слабовидите лица газдите добиваат 20, а за слепите 40 просечни плати. Откако ќе ги добијат средствата од државата и добро ќе ги искористат инвалидните лица ,потоа ги шуткаат на улица, најчесто без да им исплатат по неколку плати.
Од Здружението на слепи сметаат дека инвалидите се надвор од вработувањата на сите политички партии. Причина, тие не можат да трчаат во предизборието и да лепат плакати за потоа, за возврат, да бидат наградени со вработување.
Од Министерството за труд и социјална политика тврдат дека инвалидизирани лица се вработуваат, но дека не можат сите да ги вработат. Само во кол-центарот на Министерството тврдат дека има петмина вработени. Во 2009 година по сите основи биле вработени 3.280 лица, а во Агенцијата за вработување работа чекаат 2.080 инвалидизирани лица.
„Многу малверзации има при вработувањето во јавните институции, а така беше и на конкурсот годинава. Јас сум вистински пример за тоа. Ги освоив сите поени на тестирањето, ме прашаа дали сум вработен, дали ќе се навикнам на работа. Потоа заборавија на мене. Владата вработува други што и не се за тие работни места. Нам ни останува само надеж за подобро утре. Многу наши членови се обесправени и во добивањето на инвалиднините. За сите наши проблеми делегација од Сојузот на слепи го запозна и премиерот“, објасни Гоце Радевски, управник во невладината организација „Светот на дланка“.
Од името на сите инвалиди тој упати апел до Владата и до политичките партии дека во иднина нема повеќе да дозволат манипулирање и дискриминирање. Ќе се приклучат само кон оние што за нив ќе се претворат во уво и мозок. Како што рече Радевски, од 2.500 слепи лица, досега се вработени само тројца. Тој обвини дека и Сојузот на слепи не работи за сите свои членови, бидејќи од над 2.000 члена се офајдуваат само оние 300 на врвот.
„Шест илјади лица со инвалидност се вработени во јавната администрација и во единиците на локалната самоуправа. Во Македонија има 670 трговски друштва, таканаречени заштитни работилници во кои од 8.990 вработени лица, 3.090 лица се инвалиди“, вели Слободанка Лазова, одговорна во Одделението за заштита и вработување на инвалидизираните лица во Министерството за труд и социјална политика. Таа објасни дека доцнењето на паричната помош за овие лица е резултат на обновувањето на документацијата, која овој месец е неопходна.
|