Зоната кај Алинци виртуелен проект
Без влез во НАТО, бесцаринската зона кај Прилеп нема да проработи
Моника Талеска
ПРИЛЕП - Готов е техничкиот проект за изградба на бесцаринска зона во близина на селото Алинци, Прилепско, наменета исклучиво за извозни фирми. Проектот е усвоен и од Министерството за транспорт и врски и од Владата. Но, отворено е прашањето кога ќе се изгради инфраструктура на овој простор од 67,5 хектари. За оваа инвестиција се потребни 7-8 милиони евра што треба да се обезбедат од буџетот на државата.
Стручњаците од Регионалната стопанска комора проценуваат дека клучен фактор за да профункционира бесцаринската кај Прилеп е влезот на Македонија во НАТО.
„Зоната ќе остане како виртуелен проект без членство во НАТО што е гаранција за бизнис-секторот и за капиталот на странските инвеститори. Се слушаат приказни дека Македонија е се' уште нестабилно подрачје. Затоа инвеститорите немаат сигурност“, изјави Ристо Најдоски, секретар на Регионалната стопанска комора. Според него, има странски компании што сакаат да изградат сопствени капацитети за производи наменети за извоз. „Има интерес од грчки фирми, преработувачи на неметали и на камен“, истакнува Најдоски.
И дел грчки инвеститори, кои инсистираат на анонимност, потврдуваат дека се' додека Македонија не стане член на Алијансата и додека не се реши спорот со името, речиси е невозможно да се инвестира во поголеми проекти.
„Овде состојбата речиси постојано се менува. Не се исти бизнис-условите за домашните и странските инвеститори. И додека во мојата фирма се пријавени сите вработени и се вршат постојано контроли, во фирмите со домашни инвеститори се' уште има вработувања на црно, а инспекциските служби не си ја вршат добро работата. Но, сосема друга би била ситуацијата кога вашата држава ќе стане членка на НАТО и на ЕУ и кога ќе се реши спорот со името. Тогаш може да се размислува за големи инвестиции од кои, секако, бенефит ќе има локалното население зашто ќе се отворат многу работни места“, вели сопственик на грчка фирма во Прилеп.
А условите за инвестирање во бесцаринската зона се поволни. Државното земјиште нема да се продава, туку ќе се издава под закуп на инвеститорите за период од 99 години, по цена од 0,1 евро по м2. Според проектот, на располагање се 37 парцели со површина од 1 до 4 хектари. Доколку има интерес постои можност зоната да се прошири за уште 37,5 хектари. Но, во моментот ова земјиште се' уште не е трансформирано, дел е државно, а дел приватна сопственост.
Според информациите од Стопанската комора, Владата во наредната година ќе одвои средства за инвестирање во инфраструктурата во бесцаринските зони во државата. Но, засега не може со точност да се тврди дали на приоритетната листа ќе биде и зоната кај Алинци. Инвестициите за изградба на инфраструктура се во тесна врска со интересот на инвеститорите. Познавачите на околностите велат, доколку нема сериозни инвеститори, прашање е дали зоната кај Алинци воопшто ќе проработи или ќе остане само владин проект на хартија. |