Сидата се шири меѓу хомосексуалците
Најпогодени се лицата на возраст од 20 до 40 години. Најмногу заразени -49 случаи има во Скопје, а 21 во Тетово
Јасмина Јовановска
Сидата се' повеќе се шири меѓу хомосексуалците. Од 12 нови случаи на ХИВ-инфекцијата што се откриени годинава, шест се хомосексуалци. Податоците покажуваат дека последните три години бројот на хомосексуалци што се заразиле со ХИВ-инфекција е зголемен за околу 30 отсто.
„Порано доминантен начин на пренесување на сида беше хетеросексуалниот начин. Но, последните години ХИВ-заразата подеднакво се пренесува и по хомо и хетеро пат“, вели епидемиологот Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје.
Меѓу новозаразените има брачен пар и партнери што живеат заедно, но не се открива од каде се тие и кој на кого го пренел ХИВ-вирусот.
И натаму кај нас од сида повеќе заболуваат жените отколку мажите, за разлика од светот каде е обратно, што д-р Караџовски го објаснува со фактот дека во Македонија соодносот жени мажи е 2,5 на еден. Најпогодени се лицата на возраст од 20 до 40 години, а најмногу заразени има во Скопје, и тоа 49 случаи, како и во Тетово со 21 случај на ХИВ-инфекција. Речиси нема општина каде што нема сида, односно на 90 отсто од територијата има инфицирани лица со ХИВ-вирусот.
И годинава, како и пред пет години кога имаше 17 нови случаи, сидата бележи врв во ширењето на инфекцијата. Ако лани имало 8, годинава се 12 случаи, иако 2010 се' уште не е завршена. „Нема посебно објаснување за овие епидемиолошки пикови, зашто и претходните години бројката се движи околу 10 нови случаи“, додава Караџовски.
Тој, сепак, смета дека сега најверојатно се' повеќе се откриваат новите случаи зашто од лани се врши и теренска потрага на ХИВ-заразените. „Со мобилната лабораторија, која оди попладне на крузинг места каде што се собираат наркозависници или хомосексуалци, се прават доброволни брзи тестови за сидата“, објаснува д-р Караџовски. Од 1.400 теста годинава се откриени два нови случаја на ХИВ заразени. Колку е загарантирана дискрецијата со теренското возило, може само да се претпостави ако се знае дека на возилото е испишано советувалиште за сида.
Од почетокот на појавата на ХИВ во 1979 година во земјава се регистрирани 132 случаи. Од нив, 99 се заболени, а 33 се ХИВ позитивни. Од инфекцијата починаа 63 лица, од нив еден заболен годинава. И ако до пред антивирусната терапијата ХИВ заразените живееја до 35 години, сега нивниот век е продолжен. „Кај нас сите болни што имаат медицинска индикација примаат антивирусна терапија благодарение на петгодишната финансиска поддршка од Глобалниот фонд на ОН за сидата“, додаде д-р Караџовски. |