Зголемен оптимизмот за работењето
Економската состојба на деловните субјекти во декември 2010 година е оценета како поповолна во споредба со претходниот месец, но и во однос на декември 2009 година. Ова се наведува во анкетата на раководителите на компаниите од преработувачката индустрија, што редовно ја спроведува Државниот завод за статистика. Обемот на производството на деловните субјекти во декември лани бележи пораст во споредба со претходниот месец, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни, како и очекувањата за бројот на вработените. Во декември минатата година, залихите на суровини и репроматеријали, како и сегашните набавки на суровини и репроматеријали се под и околу нормалата, а залихите на готовите производи во декември 2010 година се зголемени во споредба со претходниот месец. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во декември 2010 година изнесувале 61,4 отсто oд нормалното искористување. (Ек.Р.) |