Римеч меѓу Карпов и Каспаров по 25 години
Од 21 до 24 септември во Валенсија ќе се одигра реприза на легендарниот двобој за титулата светски шампион во шах меѓу руските велемајстори Анатолиј Карпов (58) и Гари Каспаров (46). Договорени се 12 партии, од кои четири по забрзано темпо и осум брзопотезни.
Двајцата некогаш лути ривали ја избраа Валенсија меѓу уште два града во Европа и еден во Јужна Америка поради фактот дека шахот каков што го знаеме денес е создаден во 15. век токму во Шпанија. Дуелот меѓу великаните на древната игра ќе се случи на 25-годишнината од нивниот прв меч за светската титула што во 1984 почна во Москва. Тогашниот првак Карпов лесно поведе со 4:0 против тогаш младиот предизвикувач Каспаров и му беа потребни уште само две победи за да ја одбрани титулата, но следуваа 17 ремија во низа и петтомесечна борба во 48 одиграни партии, која тогашниот претседател на ФИДЕ, Флоренсио Кампоманес, ја прекина поради нарушеното здравје на играчите. Каспаров ги доби 47. и 48. партија.
Светската титула, која Карпов ја чуваше десет години, му ја одзеде наредната година во Москва. До 1990 играа уште три пати, меѓу кои 1987 во Севилја. Директните преноси од партиите на шпанската телевизија ги следеа во просек по 13 милиони гледачи. Каспаров ја задржа титулата 20 години, односно до 2005, кога загуби од Владимир Крамник и се повлече од активното играње.
Во текот на шест години Карпов и Каспаров во пет меча за светски шампион одиграа вкупно 144 партии, поминувајќи зад таблата повеќе од 500 часа. Каспаров победи во 21 партија, Карпов во 19, а 104 завршија нерешено. |