Болт и на дожд до четвртото време на 200 м
Олимпискиот шампион Јусеин Болт го истрча четвртото најбрзо време на 200 м во историјата, победувајќи на гран-при митингот во Лозана со резултат 19,59 сек., и покрај силниот дожд. Јамајчанецот изгледаше апсолутно релаксиран пред стартот, кога и' отпоздрави на публиката со серија гестикулации со рацете во свој стил, за потоа да доминира во трката од самиот почеток.
Болт ги остави далеку зад себе конкурентите, влегувајќи низ целта 82 стотинки пред олимпискиот првак на 400 м, Американецот Лашон Мерит. Времето што го оствари Јусеин е само 29 стотинки послабо од неговиот светски рекорд поставен на минатогодишната Олимпијада.
Јамајка доминираше во спринтерските дисциплини, во кои Асафа Пауел победи на 100 м, Шели-Ен Фрејзер на женската стотка, а Кирон Стјуарт на 200 м кај дамите. Поранешниот светски рекордер Пауел истрча 10,07 сек., а олимписката првенка Фрејзер за три стотинки беше побрза од Американката Кармелита Џетер, победувајќи со време 11,03 сек.
Најголемото изненадување се случи во на 400 м со пречки, каде што олимписката шампионка Мелани Вокер заврши дури четврта во трката во која славеше Тифани Рос-Вилијамс од САД. |