Армстронг го стигна лидерот Канчелара
Обајцата водат на Тур де Франс со идентично време по тимскиот хронометар во Монпелје
Седумкратниот победник Ленс Армстронг за дел од секундата не успеа да ја преземе жолтата маичка во велосипедската трка Тур де Франс откако неговиот тим Астана победи во четвртата етапа. Швајцарецот Фабијан Канчелара на стартот од екипниот хронометар влезе со предност од 40 секунди во однос на Американецот, а токму толкава беше разликата меѓу Астана и тимот на лидерот во трката Саксо банк, принудувајќи ги судиите да ги проверат пропозициите. При тоа беа сметани и резултатите од саботниот старт во Монако, кои му помогнаа на Канчелара да ја зачува маичката што ја освои во кнежевството.
„Ова ти е швајцарско мерење на времето“, изјави Канчелара, кој пред вчерашната етапа до Перпињон имаше исто вкупно време со Армстронг.
Астана ја извозе патеката долга 39 км низ улиците на Монпелје за 46 минути и 29 секунди, 18 секунди побрзо од Гармин, а Саксо банк заврши трет.
„Ова прави да ми недостига плажата на која одев четири години пред сето ова“, изјави 37-годишниот Армстронг, кој последен пат носеше жолто во Париз 2005, пред да се повлече во спортот во наредните 3,5 години. „Малку сум разочаран, бидејќи навистина мислев на жолтата маичка. Но, тоа е велосипедизмот, Астана го стори најдоброто што можеше“.
Решеноста на Армстронг уште еднаш да завладее на Тур де Франс беше очигледна уште од стартот, па Американецот воопшто не штедеше енергија.
„Кога ќе погледнам врз нашата изведба и врз начинот на кој се боревме, тимот беше совршен. Зборувајќи технички, бевме такви какви што би требало. Немам забелешки“, додаде тој.
Армстронг им се доближи на водечките во претходната етапа до Ла Гранде Моте, кога и' се придружи на групата во бегство, која стигна на целт�� 40 секунди пред главната група во која беа многумина од фаворитите, вклучувајќи го и лидерот на неговиот тим Алберто Контадор. Шпанецот, кој триумфира на Тур де Франс во 2007, не се претргна многу низ улиците на Монпелје, забрзувајќи само во финишот.
Четворица членови на францускиот тим ББокс излетаа од патеката. Во раната фаза од етапата Русинот Денис Менчов, победник на годинашниот Џиро ди Италија, удри во ограда и загуби многу време.
Австралиецот Кејдел Еванс, пак, кој во последните две години го освојуваше второто место севкупно на Тур де Франс, исто така загуби време откако неговиот тим Сајленс лото се дезорганизира по инцидентот со Белгиецот Јирген ван ден Брек. Еванс сега заостанува речиси три минути во однос на Канчелара.
Вкупен поредок: Канчелара (Швајцарија/Саксо банк) 10:38,07 ч., Армстронг (САД/Астана) исто време, Контадор (Шпанија/Астана) +19 сек., Андреас Кледен (Германија/Астана) + 23 сек., Леви Липхајмер (САД/Астана) +31 сек. итн. |