МАГАЗИН
Музиката како каприц

Нов музички материјал на распеаната прва дама на Франција, Карла Бруни
АЛЕКСАНДАР МИТЕВСКИ
Што може да се каже за дамата Карла Бруни-Саркози по која воздивнува целиот свет? Оваа 40-годишна убавица (во декември ќе наполни 41) , натурализирана Французинка со италијанско потекло, има испробано многу работи во животот и токму затоа во насловот ја апострофиравме музиката како нејзин незаменлив каприц. Во денешниот текст ќе ја опфатиме токму музичката страна на Бруни и нејзините досегашни уметнички дострели на тоа поле, секако, фокусирајќи се повеќе на најновиот проект што го издаде годинава.
Таа како поранешен врвен светски модел во неколку наврати кокетираше со музичкиот бизнис и таа нејзина дамнешна пасија не згаснува ниту сега кога е прва дама на Франција. Опсесијата со музиката започна во 1997 година, кога се збогува со модниот свет и реши да и' се посвети на оваа благородна уметност, па нејзината решеност ја доведе и до првиот музички проект Si j'?tais elle, кој го издаде во 2000 година. Фактички, нејзин вистински деби-албум е оној од 2002 - Quelqu'un m'a dit што го издаде за франкофонскиот дел од европскиот пазар, испродуциран од нејзиното тогашно момче Луј Бертињак, познат француски гитарист, пејач и автор. Некои од нумерите најдоа свое место во американскиот филм Conversations with Other Women, а една нумера беше искористена и од брендот HиM за потребите на една божикна кампања. Во 2006 година ја отпеа Those Little Things, а учествуваше и како дел од церемонијата на Зимските олимписки игри за потребите на матичната земја Италија. Како втор студиски албум во нејзината музичка кариера е заведен албумот No Promises што го издаде лани, кој се базира на текстови од поемите на Емили Дикинсон, Дороти Паркер, Кристина Розети. Секако, мора да се признае дека нејзината музичка кариера беше анемична и не беше проследена со внимание се' додека не стана прва дама на Франција. Комплетно е друга прикаската со овој нов албум што го издаде, условно кажано, во овој државнички амбиент, а веќе може и да си допушти сите пари од добиените тантиеми да ги подари во хуманитарни цели.
Оваа долгонога убавица, по потекло од Торино, комерцијално гледано, ги има сите предуслови во ова модерно време да биде знаменосец и ударна тупаница на т.н. француски поп, па колку и нејзините музички квалитети да се доведени под знак прашање. Нејзиното умно менаџирање на ��ивотот по нагорна линија дава за право да се каже дека таа е жена која знае што сака и го добива тоа. Во својата приватна биографија, пред претседателот Саркози, можеше да се пофали и со високорангираните афери со Мик Џегер, мултимилионерот Доналд Трамп и со извонредниот гитарист Ерик Клептон. Иако има два студиски албума зад себе и нејзиниот лик атакувал буквално од секое ќоше, сепак, според главнината од музичката јавност, отсекогаш беше само убава манекенка што сака да пее и компонира. За новиот проект Comme si de rien n'?tait сите го делат истото мислење и за него доволно говори самиот превод од француски – како ништо да не се случило. Според многумина, овој музички балон од сапуница ја претставува Бруни во една типична светлина на изгубеност во музичките води и задоволување на гладот со овој мошне заразен каприц. Албумот исфилуван со засипнатиот кадифен глас на убавата Карла не е на висина на задачата и нејзиното чепкање по жиците на гитарата ја надополнува таа неиздржана атмосфера, што секако не соодветствува со тежината JJ3на големите стихови на славните Роберт Шуман, Коела и Клерк, кои се зафатила да ги преработува. Едноставно кажано, никој не ги оспорува чувството за убавина и добрите идеи на Карла, но во изведбата нејзиниот шепотлив, шуплив глас како да не одговара во богатата музичка глазура која околу неа ја извајале француските музички мајстори. Несомнено е дека овој проект се рекламира и ќе се рекламира наголемо и таа повторно ќе ѕирка од секој агол од билбордите, но вистинските музички гурмани веќе ја обележаа оваа висококомерцијализирана „манекенка што сака да пее“.
Со провокативниот назив на проектот „Како ништо да се се случило“, Карла си поигрува со коментарите по романсата што се круниса со брак со Никола Саркози и промените што се случија во нејзиниот живот на висока нога. Иако ретко кој разбира за што, всушност, пее во своите песни, сепак, таа топла и интимна атмосфера ја доловуваат романсата што сакаше да ја преслика од својот живот во својата музика. Би рекле дека не се во право скептиците кога велат дека нема ниту грам музика и талент во оваа керамичка убавица, најмногу поради фактот што во неа тече вистинска музичка крв (таа е ќерка на Мариса Борини – концертна пијанистка и на Вирџинио Бруни Тедески – класичарски композитор и автор на опери). Сепак, таа на крајот вели дека се занимава со музика од чисто задоволство и љубов, се' друго е тотално небитно. По објавувањето на бракот со Саркози, таа го живее животот со полни гради и го следи насекаде при неговите интернационални посети. Таа буквално го украде светското внимание за време на нивната посета во Англија во март, а не престана да изненадува ниту со своите нови и нови голи фотографии кои пламнуваат во јавноста од минатото. Овој познат државнички пар доби обесштетување при еден случај во францускиот суд, каде што нивната фотка беше употребена во кампања на авиокомпанијата Ryanair, а парите од обесштетувањето ги донираа на хуманитарната организација Restos du C?ur, која им помага на бездомниците. Карла беше видно воодушевена и од неодамнешното запознавање со маркантниот и спиритуален лидер далај-лама минатиот месец во будистичкиот храм каде што беа гости. Тоа не се сите возбудувања што и' се случуваат како на филмска лента, имено, хероињата на нашиот текст, непоправливата баладерка Карла Бруни, неодамна доби понуда да настапи заедно со хевиметал-бендот „Металика“ на гледаното шоу на телевизискиот канал Би-Би-Си, каде што таа ќе претстави неколку песни од овој албум, во блокот кога „Металика“ ќе го промовира гордо своето ново студиско чедо Death Magnetic. Останува да видиме дали (не)популарноста на нејзиниот брачен другар Никола Саркози ќе биде погубна за нејзината недоречена музичка кариера или, пак, тоа ќе биде своевидна отскочна штица за нејзината музика кон земјите што немаат допирна точка со францускиот јазик. Кога станува збор за Карла Бруни, едно е сигурно – нема да биде „како ништо да не се случило“, како што цинично провоцира насловот на албумот, туку како што беше случај досега, ќе предизвика големо медиумско бранување, па макар и негативно. |