МАГАЗИН
Тренд е да имаш и дух и тело

Снежана Дакиќ е авторка и водителка на емисијата „Живот во тренд“ што се емитува 14 сезони
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
За неа своевремено се пишуваше како за белграѓанка со најубави нозе. Ама Снежана Дакиќ, авторка и водителка на емисиите поврзани со трендот и модата, покрај појавата пријатна за око, го има и остриот ум со кој успешно плови низ булеварите на животот.
„Сепак, секоја од нас повеќе ќе се израдува кога ќе и' кажете дека е убава отколку дека е умна“, вели оваа шармантна жена. „Се разбира дека сакам кога луѓето ќе забележат дека изгледам добро. Покрај наспаност и нега, тоа подразбира и задоволство што се чита од лицето“.
Ова е веќе14. сезона на „твоето траење“. Емисиите за мода и тренд, нешто како твој знак на препознавање, сега со малку сменет наслов „Живот во тренд“, се емитуваат секоја сабота на Телевизија Пинк.
- Иако можеби би очекувале сјај, раскош, гламур и дизајн, јас со емисијата се обидов да го прикажам реалниот живот и да се занимавам со теми што ни се заеднички на сите, без оглед на општествената положба и заработувачката - малку политика, забава, храна, малку здравје, секс, малку машко-женски односи и сето тоа во колаж со интересен соговорник чиј живот го запознаваме на самото место.
Начинот на кој ја водиш емисијата и непосредноста на гледачот му создаваат впечаток дека со сите свои соговорници си во добри односи. Карлеуша беше дарежлива кон тебе, Неда Арнериќ ти ги покажа тибетските вежби. Телевизиска магија или персонална умешност?
- Многумина од соговорниците лично ги познавам, но блискиот пристап е резултат на искуството и телевизиската практика, како и на релаксираната атмосфера и лежерноста на гостите. Тоа се луѓе од јавноста навикнати на таков вид комуникација. А можам да си ласкам себеси и да помислам дека сум успеала да ги отворам. Се разбира, сериозно се подготвувам за интервјуата за да дознаам повеќе за гостинот и за да можам да го ставам во одреден општествено-политички контекст. Бидејќи меѓу соговорниците имав и многу политичари – како најголеми ѕвезди на шоу-бизнисот во Србија, секогаш има и актуелни теми, ама на лежерен и непрете��циозен начин.
Своевремено читав за тебе како за разгалена тренд-девојка, за Снежана која се интересира за брендирана облека, марки и трендови... Гледајќи ја сега емисијата „Живот во тренд“, впечатокот е сосема поинаков. Станува збор за лична промена или порано новинарите „не те сакаа“?
- Никогаш не обрнував внимание на марки и брендови, но тие се дел од минатогодишното искуство и животниот стандард што со тек на време расте доколку сте успешни во работата. Можеби на јавноста и' изгледав така, затоа што низ емисијата известував за мода, за гламур и тренд, но лично никогаш не би ги дала последните пари за скапи крпчиња. Како и целиот нормален свет, најмногу сакам попусти, но ако треба да бирам помеѓу скапо и евтино, гласам за скапото. И се раководам од правилото: едно ама вредно или - не сум доволно богата за да купувам евтино. Инаку, за тоа колку сум практична жена зборува и фактот дека возев стар „опел кадет“ се' додека не купив стан, иако веќе бев позната личност.
Што би додала на поимот - работа? Освен дека го создаде човекот и освен она што го има во филмот „Војната на Роузиеви“. Твојот сопруг е бизнисмен кој заработува сосема доволно за добар и комотен живот?
- Не би можела да не се занимавам со ништо. Потребно ми е практично остварување и достигнување за да се чувствувам комплетно и исполнето, па така да сум и добра мајка и добра сопруга. Мислам дека тоа е и најздраво, зашто ќе видите доста „добро омажени“ жени кои не мора да работат, ама се незадоволни и празни. Работата го исполнува човекот и го држи во контакт со реалноста, особено што можам да го дозирам степенот на својата посветеност на работата. Имам слободно работно време и многу време за семејството, а од домашните работи сум, да чукнам во дрво , растоварена. Од друга страна, тешко е постојано да се бориш, да се докажуваш и да опстојуваш на врвот. Полесно е да одиш по линија на помал отпор и да се скриеш зад успешен маж кој заработува за двајцата. Едноставно, не сум дел од таа приказна.
Каква улога има твојот сопруг, како го доживуваш? Ако ги одбегнеме клишеата, не верувам дека го има местото на најдобра пријателка?
- Се разбира дека ми е пред сите. Тој е еден е од ретките мажи кои не мразат да одат во шопинг со својата жена. Дури и ужива во тоа. Исто така, одлично се снаоѓа и во продавница и на пазар. И двајцата би сакале да ми е најдобра пријателка, но тој повеќе ме критикува поради некои слабости, додека пријателките сочувствуваат и разбираат. Ете така решив да му се жалам помалку, затоа што маж ми е Супермен кој може и сака се', не се плаши од ништо, а притоа му е доволно само неколку часа спиење. Го нареков Киборг. Но, тоа веќе спаѓа во оние училишни примери за разликата меѓу мажите и жените опишани во многубројните прирачници за војната на половите. Од друга страна, за моите другарки имам помалку време отколку што го имав пред да се омажам, но тука сме кога ќе си затребаме една на друга. Читав една добра книга за пријателството „Сигурно си ми најдобра пријателка затоа што те мразам“, одличен прирачник за двата пола.
Колку се смени откако стана мајка? Мислам на лични желби и потреби, „себичност“ во зачувување на времето за себе?
- За среќа, имам помош дома и мајчинството не ме оптовари како многумина. Сепак, откако почнав да работам, гледам колку е потешко кога имаш дете. Како ли е со повеќе? Навикната сум максимално да и' се посветам на работата и сега тоа е поинаку. Инаку, ќерка ми ја носам секаде со себе - на фризер, козметичар, во шопинг. Таа особено ужива кога пазаруваме во супермаркет.
На што се должи твојот добар изглед? Во што вложи најмногу?
- Се должи на мајка природа, ама и јас помогнав. Јадам умерено, без многу тестенини, мирудии и мрсна храна. Користам интегрален леб, маслиново масло, ама си дозволувам бурек. Го обожавам... Како девојче активно тренирав - првин уметничко лизгање, потоа атлетика, а во последните десет години повремено се рекреирам. Инаку, по породувањето, едвај ги вратив силата и тонусот на мускулите. Најмногу ми страдаше грбот и затоа се обидувам да вежбам секој втор ден.
Колку ти е важен визуелниот момент? Што забележуваш прво кај жена, а што кај маж?
- Јас сум визуелен тип, држам до естетика и атлетска градба, сакам фит тело кај двата пола. Скенирам човек во момент. Сакам кога некој има стил, сакам негувани луѓе, ама под услов да не го занемаруваат својот дух. Тоа се подразбира и е пред се'.
Слушнав дека си македонска снаа. Си била ли во Македонија и што мислиш за жените од југ?
- Мајката на мојот сопруг е Македонка, знам некои зборови, а мојот сопруг одлично зборува македонски. Мислам дека сме многу слични, ја сакаме истата кујна, истата музика, а и јазиците ни се разбирливи.
Планираш или сонуваш? Кои ти се менталните патувања, во што веруваш - карма, астрологија..?
- Знаеш што? Поголемиот дел од сништата го остварив, така што можам да живеам денес и за денес, со што сум многу задоволна. А што би кажала Скарлет О’Хара - утре е нов ден. Би сакала да можам како неа да не се нервирам за моментални проблеми. Работам на тоа. Во хороскопите се одлично скицирани карактери, но секогаш финесите се тие што не' разликуваат. Мислам дека е добро да се знае хороскопот на блиските, затоа што така полесно се разбираат, помалку лутат нивните реакции, копнеења и слабости, а подобро им се оценуваат склоностите. Верувам во судбина. Ама уште повеќе дека со својата работа човек сам си го трасира животниот пат. На судбината мораме да и' одиме во пресрет и да и' помогнеме да ни подари се' што ни припаѓа во животот.
Тоа значи дека среќата е состојба на духот?
- Се разбира. И среќа е она што мислиш за нештата, за себеси, за другите, за животот. Затоа внимавајте што мислите и погледнете дали мислите ви се објективни или малку необјективно ја зацрнувате стварноста. Секогаш е подобро малку да се заслади отколку да се загорчи. И, се разбира, треба да се тргнеме од претерана грижа.
Затоа што лекарите утврдија дека загриженоста многу пати е само лоша навика. |