Титовите зборови ќе се вратат на ѕидот на Музејот
Ѕидот моментално се санира за да се обезбеди простор за чување вреден археолошки материјал од Скупи
Сања Наумовска
Градежните работи на Музејот на Скопје, по еднодневен застој, вчера продолжија. Откако директорот на Музејот, Јован Шурбановски, вети дека панелите на кои е испишана пораката на солидарноста на Јосип Броз Тито, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, ќе бидат вратени на место, санацијата на ѕидот продолжи без проблеми. Сега се расчистува ѓубре и градежен шут на местото на кое треба да се направат нови простории кои ќе служат како депо.
Музејот на Скопје, кој функционира во специфични услови во Старата железничка станица има хроничен недостаток на простор. Особено недостасуваат депоа каде што би се чувале вредните експонати. Со градежниот зафат ќе се уреди просторот над големата сала, кој е затворен, всушност, само со дрвените панели. Во иднина тој ќе биде уреден, ќе се постават монтажни платформи и тука ќе се чуваат материјали од Скупи.
„Тоа горе сега е гулабарник од кој се шири страшна реа, а веќе почна и да прокапува, бидејќи дрвените панели не се никаква заштита. Санацијата е неопходна за да се заштити просторот, но и да се направи дополнително место за експонатите, оти во последно време имаме сериозен притисок од археолошки материјал кој немаме каде да го сместиме“, вели Шурбановски.
Тој нагласува дека со санацијата не се прави зафат, ниту каква било измена во фасадата на објектот. Тоа се однесува и на панелите со пораката на Тито, која по завршувањето на градежните работи, за три месеци ќе биде вратена на истото место. Шурбановски вели дека со проектот што го изведува градежната фирма „Континентал“ се запознаени сите надлежни институции, бидејќи се работи на објект кој е заштитен, а на градилиштето постојано е присутен и надзор.
Конзерваторско одобрение од Градскиот конзерваторски центар Музејот не побарал. Според директорката на Центарот, Ема Петрова, тоа е потребно доколку се урива, малтерисува, доградува или се прави некој друг сериозен зафат на ѕидот. За санација или за чистење, дозвола не се дава!
Почетокот на реконструкцијата, која ја финансира Градот Скопје со три милиони денари, беше обележан со протест на Титовите леви сили пред два дена. Повеќе приврзаници на партијата, заедно со лидерот Слободан Угриновски, не дозволија да се тргне пораката на Тито, откако пред ѕидот ја поставија бистата на маршалот, која стои пред седиштето на нивната партија. Тие со жив ѕид и транспаренти ги спречија работниците да се приближат до Титовата порака.
Буквите од пораката на Тито, со која еден ден по земјотресот во 1963 година, на 27 јули, ветува дека повторно ќе го обнови Скопје заедно со помошта од сите страни од светот, беа тргнати во 2000 година. Пораката и понатаму остана видлива благодарение на трагите од употребеното лепило за буквите. Дали на ѕидот и по санацијата ќе се вратат истите панели, или ќе се реализира една од идеите наместо нив пораката да стои на бронзена плоча, останува да видиме.
Не се знае каде се буквите Не се знае каде се буквите од пораката на Тито испишана на ѕидот на некогашната Железничка станица. Беа извaдени пред десет години и оттогаш им се губи секаква трага. Сигурно е дека не се чуваат во депоата на Музејот на Скопје, а одговорните во оваа институција немаат информација каде се наоѓаат буквите сега.
|