Нови табли за старите имиња на улиците
Иако одомаќени, новите називи на улиците, булеварите и мостовите се' уште не се официјални
Сања Наумовска
Дали плоштадот ќе биде „Македонија“ или „Маршал Тито“, дали булеварот и мостот „Октомвриска револуција“ ќе се преименуваат во „8 Септември“, а булеварот ЈНА и натаму ќе се вика „Свети Климент Охридски“? Иако одомаќени, новите називи на инфраструктурните објекти во градот се' уште не се официјални, а веројатно наскоро нема ниту да бидат. Преименување не се прави во период пред пописи и избори, така што Комисијата формирана во Градот Скопје, практично, и нема работа.
Проблемот со новите називи на улиците во Скопје постои од поодамна, а повторно ќе се актуализира идната година, кога Градот и општините ќе мора да ги променат таблите со имиња на улиците во центарот. Градот и општините имаат обврска да го приспособат изгледот на информативните табли со новиот Правилник што го донесе Министерството за транспорт и врски.
Кои имиња на улиците, плоштадите и мостовите ќе се стават на новите табли - не се знае. Граѓаните се прашуваат дали понатаму ќе се соочуваат со досегашната ситуација во личните документи да имаат еден назив, а на таблите на станбените објекти каде што живеат друг назив на улицата. Тоа ги збунува и им создава проблеми, а очигледно е дека ситуацијата нема да се реши ниту со новите табли.
Во Градот велат дека на таблите ќе стојат имињата заведени во регистарот на улици, односно старите официјални имиња. Од друга страна, пак, градските власти и општините во официјалната комуникација со медиумите и граѓаните ги употребуваат новите називи.
„Се' уште не се знае дали замената на информативните табли ќе се финансира од буџетот за следната година. Ако Советот донесе одлука проектот што би чинел околу 3 милиони денари да влезе во буџетот, тогаш ќе се употребуваат имињата од регистарот на улици“, велат во Градот.
Според Правилникот на Министерството за транспорт, новите табли на булеварите треба да бидат со зелена боја, а на улиците со сина. Името на плоштадите и мостовите ќе се пишува на портокалови табли, а на кејовите на табли во црвена боја. Правилникот пропишува дека таблата треба да биде правоаголна, со бела рамка и заоблени агли, направена од алуминиумски лим. Во горниот лев агол треба да стои грбот на Скопје. Големината на таблите, во зависност од големината на називот на инфраструктурниот објект може да се биде 50 x 35 сантиметри, до 60 x 50 сантиметри. |