Васил Христов
Македонија е светско чудо по квантитет на таленти

Режисерот вели дека благодарение на талентот на актерите, претставите во Македонија се со врвен квалитет
Лилјана Митевска
„Прогонството и убиството на Жан Пол Мара, во изведба на пациентите на клиниката Шарентон во режија на Маркизот Де Сад“ или како што е позната накратко „Мара/Сад“ е една од најмоќните пиеси во сферата на политичкиот театар која ги отвора прашањата за револуцијата, власта, моќта и нејзината злоупотреба. Токму со ова провокативно дело на Питер Вајс, кое вечерва во рамките на МОТ, во 20 часот, ќе ја доживее својата премиерна изведба на сцената на МНТ, режисерот Васил Христов се враќа на македонската театарска сцена, по долгогодишниот престој во Холандија каде работеше доминантно во филмската сфера. Со Васил Христов разговараме за претставата, но и пошироко за неговиот професионален ангажман.
Првата претстава со која по пауза од 13 години се враќате на македонската театарска сцена е „Мара/Сад“, жестока политичка дебата која длабоко засега во болното ткиво на македонската реалност, бескомпромисно пресметувајќи се со профитерите на власт без оглед од која страна доаѓаат. Зошто Ви беше важно да ја работите оваа пиеса токму во овој момент на македонската сцена?
„Мара/Сад“ е класика на модерната драматургија. Оваа пиеса е предизвик за секој современ театарски режисер. Фактот дека драмското дејствие се случува во 1808, историското дејствие опишано во претставата на пациентите се случува во уште подалечната 1793, а сепак филозофско политичкиот дискурс е исто толку релевантен и денес, зборува за вистинската далекусежна вредност на овој текст на Вајс. Прашањата за корупцијата, властољубието, манипулацијата и моќта се актуелни со векови како на ниво на државата така и на ниво на индивидуата. Борбата меѓу хедонизмот и прагматизмот од една страна и идеализмот од друга страна постои на секое ниво во општеството. Сето ова е присутно и кај нас и денешната реалност не се разликува многу од онаа кон крајот на 18 век во Франција.
Токму во тој судир на два екстрема, таа поделеност на единката и општеството лежи и прашањето дали вистинската револуција доаѓа од промената на општеството или од промената на нас самите. Оставаме секој поединечно да го најде одговорот на ова прашање во себе...
Покрај тоа што п��етставува спектакуларна провокација во однос на кој било политички систем, оваа пиеса е вистински предизвик и кога станува збор за сценска реализација, бидејќи наметнува спој на две спротивставени естетики, онаа на Брехт и на Арто. Како се справувате со овој проблем?
Претставата се случува во душевна болница и е изведена од пациентите на одделот за шизофренија. Тие по дефиниција артоовски го доживуваат светот преку силни емоции, но дистанцата сама по себе се наметнува затоа што тие глумат со дистанца и тоа е Брехт. Воедно самата пиеса е драма со музика т.е со многу сонгови кои едноставно ја „олеснуваат“ целата тежина на темата и сепак ја доведуваат до брехтовски коментар на настаните.
Состојбата на театарот како уметност, во суштина претпоставува мегдан за спротиставени системи веќе од седумдесеттите, така што потребата од вакво читање на метатекстуалното мешање на театарски правци доаѓа природно заради поврзаноста на менталниот и дементниот аспект на луѓето заразени со политика. Третирајќи го тоа како проблем, но не како пречка, овозможува актерите најточно да го дефинираат својот простор за игра.
Кога сме кај театарската естетика, македонската и воопшто балканската сцена се карактеризираат со нагласена актерска емоција за разлика од ладниот, дистанциран, западноевропски, па и холандски пристап. Со оглед на Вашето познавање на двете сцени, кое е Вашето мислење за македонската театарска сцена? Или во каква состојба го оставивте, а во каква го затековте македонскиот театар и кои се неговите предности и недостатоци во еден поширок европски контекст?
Македонија е по мене вистинско светско чудо по квантитет на талент во однос на број на жители. Без оглед дали е тоа резултат на поднебјето, сонцето или на културната традиција, факт е дека имаме неверојатен сублимат на таленти кој генетски се пренесува од една на друга генерација, особено кога станува збор за нашите артисти. Вистински феномен. Македонскиот театар е дефинитивно најплодното и најталентирано јадро на театарски работници што јас го познавам. Емотивноста како пресудна карактеристика, отсекогаш им овозможувала есенцијален увид во тајните на професијата кај нас. Но, од друга страна се јавува општествената, социолошката и секако финансиската реалност која и значително влијае во техничкиот и технолошкиот развој на театарот и усвојувањето на новите технологии и трендови во театарските форми. Нашиот театар за жал се' уште се занимава со проблемот „практикабли“ додека во светот се работи со тродимензионални холограми и ласери. Сепак, и покрај тоа што финансиските и технолошките услови се такви какви што се, најверојатно изреката дека „срцето на театарот остануваат глумиците“ е валидна за кај нас, бидејќи благодарение на нивниот талентот, ентузијазам и мотивираност, претставите во Македонија се со врвен светски квалитет.
Во МНТ работите на стратешки маркетинг. Каква стратешка ориентација би направила од македонскиот театар конкурентен производ?
Целта на стратешкиот маркетинг е да ги истражува светските театарски трендови, изрази, технологии и да ги донесе истите кај нас, а истовремено да работи на изготвување на препознатлив, светски производ кој ќе се пласира на светската сцена рамо до рамо со најдобрите во светот. На тој начин, се обидуваме да ги воведеме светските стандарди во МНТ и да ја презентираме и етаблираме македонската култура и држава пошироко во светот.
Во Холандија работевте речиси исклучиво во филмската сфера, каде што реализиравте неколку кратки филмови со импресивна визуелност и висок технолошки стандард. Спомнавте дека имате планови својот прв долгометражен филм да го снимите во Македонија. Како стојат работите на овој план, особено што веќе имате подготвени сценарија?
Македонските структури во филмската индустрија располагале и располагаат со многу ограничени средства кои објективно се недоволни да се заврши и еден средно буџетен филм. Затоа потполно е разбирливо дека и тие мали средства се делат по клуч. Имајќи го тоа на ум, јас се откажав од понатамошно конкурирање кај релевантните институции и ќе се обидам да направам еден безбуџетен филм со наслов „ЕЈ!“. Тоа ќе биде обид филмот сепак да го искористи она што го спомнав како најдрагоцено во Македонија, а тоа се артистите и нивниот талент, и да се заснова првенствено на нивната извонредно актерско творење, креација. |