Ќе има поевтини кредити, Владата бара поголема храброст од НБМ
Банките најавуваат дека од 1 јануари ќе има пониски камати од половина до еден процентен поен
Нина Нинеска-Фиданоска Александрија Стевковска
Веќе од 1 јануари идната година македонските граѓани и фирми најверојатно ќе ја добијат најпосакуваната новогодишна честитка и ќе им се израдуваат на поевтини и на повеќе банкарски кредити. Речиси е извесно дека нема да има некој голем драматичен пад на каматните стапки на заемите, но голема е надежта дека, сепак, ќе почне процесот на намалување на каматите, а што е уште поважно, на одблокирањето на кредитирањето, што буквално како да беше секнато во последниве неколку месеци. Македонските банкари велат дека моментно прават анализи и калкулации, но оти е многу веројатно дека ќе донесат одлука за намалување на каматните стапки. Кога, кои кредити и за колку ќе поевтинат засега е под големо прашање, но неофицијално банкарите објавуваат дека веќе од самиот старт на наредната година, можеби дури и од втората половина на декември ќе одат со пониски каматни стапки. Инаку, досега каматните стапки во принцип паѓаа за толку за колку што НБМ ја намалуваше референтната камата, така што може да се очекува снижување од околу половина до еден процентен поен, во зависност од видот кредит. И бизнисот и Владата го поздравија овој чекор на НБМ.
Но, речиси сите банкари во земјава се децидни дека не само оваа, туку и следните неколку години, нема да се врати оној огромен кредитен бум, што постоеше во 2008 година, кога растот на кредитирањето достигна дури 40 отсто. „Банките, а и граѓаните ја научија лекцијата од светската финансиска криза. И банките ќе бидат внимателни, но и граѓаните сега веќе се свесни дека не смеат многу да заглавуваат и внимателно ги читаат кредитните договори, ги гледаат каматите, трошоците и слично“, објаснуваат банкарите во земјава. Нивните процени се дека кредитниот раст идната година ќе се движи до околу 10 отсто, додека НБМ, пак, за следната година прогнозираше кредитен раст од 6,5 проценти.
Најавите за пад на каматите доаѓаат откако монетарната власт во земјава завчера објави дека ги намалува каматните стапки на благајничките записи за 0,5 процентни поени, како и дека о�� 1 јануари наредната година ја укинува и мерката за издвојување на задолжителен депозит од страна на банките во централната банка, доколку го пречекорат кредитниот раст од 11 отсто.
Во Комерцијална банка вчера изјавија дека оваа банка и сега ќе ги следи сигналите што ги испраќа Народна банка на Македонија, како што тоа го правела секогаш. „Сигурно дека и сега ќе извршиме намалување на каматните стапки. Но, кога и за кои производи ќе биде тоа, засега не можеме да прецизираме, бидејќи се' уште правиме анализи и ги согледуваме билансните ефекти“, вели Маја Стевковска-Штериева, главен финансов директор во Комерцијална банка. Иако од банката засега не можат точно да конкретизираат кога би дошло до намалување, извесно е дека тоа ќе се случи веќе од 1 јануари наредната година.
Комерцијална банка го поздравува намалувањето на каматните стапки на благајничките записи. „Без оглед колкаво е намалувањето, колку и да е ниско, во секој случај е позитивно, бидејќи ги намалува трошоците на работењето на банките“, вели Штериева.
Дали ќе има намалување и на каматните стапки на депозитите, односно на штедните влогови на граѓаните и на компаниите, засега во оваа банка велат дека не може точно да се каже. Можно е да се случи намалување, но можно е и тоа да не се случи, објаснуваат во банката, потенцирајќи уште еднаш дека се' ќе се знае откако ќе се направат потребните банкарски пресметки.
Во поглед на мерката со која НБМ го укинува издвојувањето на задолжителен депозит за надминување на кредитниот лимит, пак, во Комерцијална банка велат дека, исто така, го поздравуваат ова релаксирање на кредитната политика, но таа мерка не ја засега Комерцијална, бидејќи банката и досега не го надминувала кредитниот раст, туку се придржувала на лимитите за кредитирање што ги пропишува централната банка.
НЛБ Тутунска банка, пак, како што е познато, уште на почетокот на ноември ги намали каматните стапки за станбените кредити, а воведе и нови поволни станбени и автомобилски кредити, со пониски камати. Оваа вест тогаш беше изненадување на банкарската сцена, бидејќи НБМ се' уште ја немаше намалено основната камата.
Во банката тогаш изјавија дека главна причина поради која се решиле на ваков чекор е конкуренцијата што постои во банкарскиот сектор, а со цел да им се излезе во пресрет на потребите на клиентите. Новиот станбен кредит на НЛБ Тутунска е со фиксна каматна стапка од 6,9 отсто за првите три години на отплата, додека за остатокот од периодот каматната стапка е променлива и моментно изнесува 8,5 проценти. За станбениот кредит со една третина девизен депозит каматната стапка изнесува 5,9 отсто.
Дали НЛБ Тутунска банка ќе ги освежи граѓаните и фирмите со уште едно ново намалување, или, пак, засега ќе остане на овие каматни позиции, во банката сметаат дека моментно е рано да се каже. „Потребно е да се направат анализи. Сите можности се отворени“, велат во НЛБ Тутунска банка.
Бернард Коениг, претседател на Управниот одбор на Охридска банка, изјави дека последните промени се добар сигнал во насока на пазарот и во правец на намалувањето на рестриктивноста кај потрошувачката, исто така, претставуваат прв чекор кон понатамошното намалување на каматните стапки во 2010 година. „Охридска банка ќе ја искористи оваа можност да изврши одредени приспособувања на специфични видови кредити во блиска иднина, особено кај долгорочните, меѓутоа, се' уште нема простор за генерално намалување на каматните стапки“, вели Коениг.
Фискалната власт е охрабрена од намалувањето на референтната каматна стапка, но верува дека наскоро НБМ ќе се реши на ново похрабро кастрење на каматите.
„Добро е што централната банка се реши да повлече чекор во насока на намалување на каматните стапки и олабавување на останатите услови. Верувам дека со подобрите перспективи на македонската економија следната година во однос на оваа година, со кои се согласи и НБМ, ќе има можност и мотив централната банка набрзо да излезе и со дополнително похрабро намалување на каматната стапка. Ние, како Влада, со фискалната политика ќе придонесеме да се обезбедат макроекономски стабилни услови, да продолжи трендот на пораст на девизните резерви што веќе се на ниво од 1,58 милијарди евра, или за 80 милиони евра повисоки од пред кризата. Сето тоа заедно, во координација меѓу монетарната и фискалната политика, верувам дека ќе обезбеди повисок раст на кредитите во иднина и поголема достапност на кредитните средства, односно нивна пониска цена“, изјави вчера министерот за фина��сии Зоран Ставрески. Според него, банкарите би требало да ги следат сигналите на монетарната и на фискалната политика во насока на намалување и на банкарските камати. „Верувам дека во иднина ќе следи позначајно намалување на референтната каматна стапка на НБМ, но значајно е и другите услови да бидат разлабавени, а за тоа да се случи нашата економија треба да покаже знаци на закрепнување, што веќе почнаа да се чувствуваат, поради што верувам дека во 2010 година ќе успееме да оствариме заеднички повисока стапка на пораст на кредитите и пониски каматни стапки“, смета Ставрески.
И бизнисот го поздрави потегот на НБМ. Сојузот на стопански комори ја поздравува одлуката за олабавување на монетарната политика. „Како претставници на бизнис-заедницата се надеваме дека преземените мерки од страна на НБМ ќе резултираат со позитивни промени во бизнис-климата и ќе придонесат за развој и заживување на стопанството“, се вели во соопштението од ССК, при што изразуваат надеж дека и деловните банки ќе ги намалат каматите.
Според ССК, промената на монетарната политика од рестриктивна во стимулирачка ќе овозможи претпријатијата да се насочат кон развој и инвестиции.
Инаку, гувернерот Петар Гошев завчера ја намали каматата на благајничките записи од девет на 8,5 отсто, потенцирајќи дека нема потреба од дестимулирање на кредитирањето. Според него, сега се' зависи од банките, дали тие ќе ги следат мерките на НБМ, со што ќе ги намалат каматите и ќе ги поедностават процедурите за кредитирање за граѓаните и за фирмите. Во однос на тоа дали може наредната година да се очекува и поголем пад на каматата на благајничките записи, гувернерот само порача дека во континуитет ќе ги следат движењата и ризиците во земјава, кои и натаму постојат. |