Сите се за поскапа струја, прашање е колку ќе скокне
МЕПСО бара 1,6 проценти, ЕЛЕМ за 7,9 отсто повисока цена, а ЕВН се воздржа од процентуални барања
Маја Томиќ
Колкав процент на поскапа струја ќе ги „израдува“ граѓаните од почетокот на идната година? Трите енергетски компании го испочитуваа законскиот рок и до Регулаторна комисија за енергетика веќе ги доставија своите пресметки за трошоците што ги имале годинава, а кои ќе влијаат врз цената на струјата за в година.
И додека државните МЕПСО и ЕЛЕМ доставија до РКЕ процентуални пресметки за коригирање на цената, „ЕВН Македонија“ годинава реши да оди со друга тактика, без процентуална математика за тоа која цена би и' одговарала за наредната година. Како што дознаваме, ЕВН доставила само пресметани трошоци во работењето за период од една година. Дали и колку треба да се коригира цената на струјата, таа процена и пресметка овојпат им ја препушта на регулаторите. Бидејќи досегашните процентуални барања на ЕВН за корекција, никогаш не беа прифатени од страна на РКЕ. Овојпат, од компанијата се надеваат на реална процена на состојбите и на остварените трошоци, особено во делот на инвестициите, не само за нив, туку за сите три компании.
Според барањата на МЕПСО и на ЕЛЕМ, преносниот оператор бара нова цена на услугата за пренос, повисока за 1,6 отсто, додека ЕЛЕМ бара нагорна корекција за 7,9 проценти. Деновиве директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски излезе во јавноста со претпоставка дека ако Регулаторна ги прифати барањата на компаниите, од почетокот на идната година струјата би можела да поскапи меѓу 10 до 15 отсто.
Оваа негова изјава во РКЕ ја коментираат како недолична, бидејќи е рано за процентуални прогнози и допрва следат пресметките што треба да покажат дали и за колку ќе скокне цената. Сепак, поскапувањето на струјата во најголема мера ќе зависи од ЕЛЕМ, бидејќи тој се јавува во улога и на производител и на продавач на електрична енергија, појаснија неодамна во РКЕ.
Инаку, барањата за зголемување на цената сите компании ги врзуваат со зголемените трошоци во направените инвестиции, во тековните и во претстојните, планирани инвестиции. Од ЕЛЕМ веќе информираа дека оваа година претставува најголем инвестициски циклус на компанијата, од 2005 година па досега. Се инвестирале повеќе милиони евра во нов коп во Брод - Гнеотино, во реконструкции, ревитализации и технички зафати на речиси сите капацитети, како и во нови истражувања на јаглен во Мариовско и друго. Во МЕПСО, пак, ја издвоија како позначајна годинешната инвестицијата од 10 милиони евра во новата трафостаница во Штип, покрај зафатите за ревитализација на повеќе други трафостаници. Од ЕВН истакнаа дека се инвестирани повеќе милиони евра за реконструкција и модернизирање на дистрибутивна мрежа и на трафостаници.
Последното зголемување на цената на струјата беше лани во ноември, кога скокна за 13,5 отсто. „ЕВН Македонија“ бараше 9, а доби 0,45 отсто зголемување, на МЕПСО му се одобрија 113, од бараните 100, а на ЕЛЕМ - 37 отсто зголемување, од бараните 39 проценти. Незадоволни од таа одлука на РКЕ, „ЕВН Македонија“ поднесоа жалба до собраниската
Комисија за решавање жалби од областа на енергетиката.
Претходното зголемување на цената, пак, беше во август 2006 година, кога струјата поскапе за 9,1 отсто.
Најверојатно дека падот на увозната цена на струјата, карактеристичен за годинава, поради кризата и намалената побарувачка нема значително да влијае врз домашната цена, односно за нејзино намалување. Во РКЕ велат дека иако експертите го посочуваат тој факт како важен, сепак, тоа е само една од ставките врз чија база ќе се носи одлуката за корекција на цената. Инаку, за илустрација, додека во 2008 година во просек еден мегават чинеше околу 80 евра, сега чини меѓу 50 до 60 евра. |