Жељко Јоксимовиќ
Полн сјај пред 10.000 публика во Скопје
Сите евентуални дилеми за популарноста на Жељко Јоксимовиќ во Македонија беа разрешени во вторникот на 1 јуни, уште пред влезот во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Вечерта концертот (во организација на Т.А. „Гуливер милс“) на човекот, кој речиси цела деценија вредно и осмислено се етаблира како балканска музичка ѕвезда, можеби беше кошмар за возачите и за таксистите, но и вечер на големи очекувања на речиси 10.000 публика, дојдена од цела Македонија. Иако почетокот беше закажан за 20,30 часот, објективно не можеше да започне пред 21,15 зашто многубројната публика не успеваше да влезе до одредениот термин низ „тесните“ порти на „Борис Трајковски“.
Со самото појавување на сцената на Жељко Јоксимовиќ, дотеран во бел костум и сребрени шпиц-чевли, се воспостави вистински спој на емотивниот флуид меѓу пејачот и публиката и покрај лошата акустика во спортската сала. Речиси од првиот такт на песната „Иду дани“ (од последниот албум на Јоксимовиќ), со кој започна концертот, па до последниот бис на „Лане моје“, публиката ја испеа секоја песна со Јоксимовиќ, но и оние на неговата гостинка Јелена Томашевиќ. Видливо беше дека Јоксимовиќ нема намера да се задржи на чисто професионално одработување на концертот, па понесен од публиката, не се штедеше во излевање на своите емоции и на гласот цели три часа, низ песните од речиси целата негова кариера. А публиката еднакво реагираше и на старите и на новите песни, со одредени кулминации на „Супермен“, „Љубави“, „Тело вретено“... Единствената пауза на сцената Жељко Јоксимовиќ ја направи за време на изведбата на двете песни на Јелена Томашевиќ , која одлично се вклопи во атмосферата на целиот концерт, преку една дуетска песна со својот ментор Јоксимовиќ. Но, потоа Јоксимовиќ повторно настапи на сцената, со нов стајлинг (доминираа антилопските чевлите со боја на циклама), со инструментална програма, т.е. изведба на неговата музика за ТВ-серии на хармоника, неговиот омилен инструмент.
И по три часа непрестано пеење, на крајот како да не им беше доста ниту на Жељко Јоксимовиќ ниту на македонската
публика. (Ј.П.) |