Исланд без шестмина од баражот за СП
В среда во Скопје ќе ги нема Стефансон, Сигурдсон, Сваварсон, Гудмундсон, Петерсон и Јонсон
Меѓу 19 ракометари што ги повика исландскиот селектор Гудмундур Гудмундсон за квалификацискиот натпревар за Европското првенство против Македонија в среда во Скопје недостигаат шестмина од минатогодишниот меѓусебен двомеч во мундијалскиот бараж. Вигнир Сваварсон доби покана, но за мечот со Естонија на 22 март во Исланд, а против Македонија нема право да игра поради црвениот картон што го доби во последната секунда од ноемврискиот дуел со Норвешка (31:31) во Драмен. Во салата „Борис Трајковски“ нема да истрчаат ни ветеранот Олафур Стефансон, кој се повлече од репрезентацијата, потоа голманот Биркир Гудмундсон, повреденото десно крило Александар Петерсон, пикерот Сигфус Сигурдсон, како и Ханес Јонсон.
Од ланскиот плеј-оф за Светскиот шампионат во Хрватска останаа голманот Хреидар Гудмундсон (Севехоф), левиот бек Арнор Атласон (Копенхаген), левото крило Гудјон Сигурдсон (Рајн Некар), средниот бек Снори Гудјонсон (Свендборг), пикерот Роберт Гунарсон (Гумерзбах), а тука се и Асгеир Халгримсон (Свендборг), Свере Јакобсон (ХК) и Стурла Асгеирсон (Диселдорф). На списокот на Гудмундсон се најдоа и голманот Бјоргвин Густавсон (Битенфелд), како и Арон Палмарсон (ФХ), Еинар Холмгеирсон (Гросвалштат), Кари Кристјансон (Хаукум), Ингимундур Ингимундарсон (Минден), Логи Геирсон (Лемго), Рагнар Оскарсон (Данкерк), Рунар Карасон (Фрам), Сигубергур Свеинсон (Хаукар) и Борир Олафсон (Либек).
Исланд и Македонија со по три бода од две средби го делат второто место на табелата во третата квалификациска група. Три бода, но од четири меча, има Естонија, води Норвешка со седум од четири натпревари, колку што одигра и Белгија, која е без бодови. (Р.Д.) |