Олимпијакос и Барселона лидери во групите Е и Ф
Познати се сите четвртфинални двојки во кошаркарската Евролига. Олимпијакос ќе игра против Реал Мадрид, Панатинаикос со Монтепаски Сиена, ЦСКА Москва со Партизан, а Влатко Илиевски со Тау Керамика ќе се соочи со својот поранешен клуб, Барселона. Ова е расплетот по одигрувањето на мечевите од последното шесто коло и во групите Е и Ф.
Првото место во Е конкуренцијата го освои Олимпијакос по триумфот во Виторија над Тау Керамика на Илиевски со 88:80. Со ова составот од Пиреја си обезбеди и предност на домашен терен во четвртфиналното соочување со мадридски Реал. Нашиот репрезентативец одигра 18 минути и постигна два коша (0/2 за тројка, 2/2 слободни фрлања). Кон нив додаде пет асистенции и „украде“ една топка. Најефикасни во домашниот тим беа Телетовиќ со 16 коша, Сплитер со 15 и Ракочевиќ со 14, а Вујчиќ со 17 и Халперин со 16 беа најзабележителни кај гостите од Атина. Во вториот меч од оваа група полски Асеко Проком убедливо славеше во Милано над Армани Џинс со 96:72.
Барселона заврши како лидер во групата Ф со 11 бода благодарение на гостинската победа во Тел Авив над Макаби Електра со 90:74. Исто толку бодови собра и Реал Мадрид кој поради послабата кош разлика во однос на Каталонците „кралскиот клуб завршина второто место. Во последното коло Реал (М) извојува тешка победа на домашен терен над Алба Берлин со 83:82.
Резултати од мечевите во шестото, последно, коло по групи во топ 16 фазата во Евролигата
Група Е: Тау Керамика - Олимпијакос 80:88, Армани Џинс - Асеко Проком 72:96. Табела: Олимпијакос 11, Тау Керамика 10, Армани Џинс 8, Асеко Проком 7.
Група Ф: Макаби Електра - Барселона 74:90, Реал Мадрид - Алба Берлин 83:82. Табела: Барселона 11, Реал Мадрид 11, Макаби Електра 8, Алба Берлин 6.
Двојки за четвртфинале: Олимпијакос - Реал Мадрид, Тау Керамика - Барселона, Панатинаикос - Монтепаски Сиена, ЦСКА Москва - Партизан.
Четвртфиналните мечеви се одиграат до три победи. Серијата почнува на 24 март. |