Л.А. Лејкерс стана прв западен тим во плејофот
Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс славеа на гости кај Сан Антонио со 102:95. Со овој триумф „езерџиите“ го осигураа првото место во дивизијата Пацифик и станаа првата екипа од Западната конференција што обезбеди пласман во плеј-оф разигрувањето за шампионската титула. Прашањето на победникот беше решено на 19 секунди пред крајот кога Саша Вујчиќ двапати беше прецизен од линијата за слободни фрлања. Најзаслужен за 52 сезонска победа на лејкерси беше Пау Гасол со 23 коша, 11 скока и три асистенции, лидер на спарси беше Тони Паркер со 25 поени, два скока и девет додавања.
Успешно гостување имаше и составот на Кливленд, најдобриот тим на Истокот. Кавалирси триумфираа кај Феникс со 119:111. „Сонцата“ влегоа со четири плус во полседната четвртина (93:89), но тоа не им беше доволно. Џејмс и компанија ги добија завршните 12 минути со 30:18 и ја забележаа 51 победа во оваа сезона во НБА лигата. Џејмс оствари трипл-дабл ефект и оствари 34 коша, 10 скока и 13 асистенции. Мет Барнс беше предводник на Феникс со 21 поен, четири скока и пет асистенции.
Резултати: Сан Антонио - Л.А. Лејкерс 95:102, Феникс - Кливленд 111:119. |