Жител на Глумово загина во сообраќајка во Бугарија
Сообраќајна незгода во која загина еден македонски државјанин, а тројца се повредени се случи во саботата, во близина на Софија, Бугарија. Несреќата беше кобна за жител на скопското село Глумово, чиј идентитет се' уште не се соопштува, додека повредените три лица се од Тетово. Тие се надвор од животна опасност. Причините зошто автомобилот со четворица македонски државјани се превртел на патот се' уште се утврдуваат.
Според бугарските медиуми, несреќата се случила на автопатот „Тракија“ на педесетина километри од Софија. Автомобилот со македонски регистарски таблички, од непознати причини, се превртел на патот, по што едно лице загинало, а тројца се здобиле со повреди.
„Идентитетот на загинатиот засега не можеме да го соопштиме, бидејќи бугарската полиција се' уште нема испратено официјален допис до нашата амбасада во Софија“, велат од македонското Министерство за надворешни работи.
Повредените тетовци биле однесени во болница во Софија и сите се надвор од животна опасност.
Зошто се превртел автомобилот ќе утврдува бугарската полиција. Медиумите во Софија шпекулираат дека причина за несреќата била големата брзина со која се движел автомобилот. Надлежните во истрагата ќе вршат обдукција врз телото на загинатиот македонски државјанин, поради што неговото тело се' уште не може да биде донесено во земјава. (Г.А.) |