Вардар се враќа во коритото, водите останаа во куќите
ЕЛЕМ го запре испуштањето на водите од Мавровско Езеро, поплавите се повлекоа
Гојко Ефтоски
ТЕТОВО - Од подрумите и од приземните простории на триесетина куќи се' уште не се повлечени водите од излеаниот Вардар во тетовско Раотинце и во двете соседни села Копанце и Туденце. Под вода се и над 200 хектари ораници засеани со градинарски и со други култури.
Вчера изутрина водите на Вардар се повлекоа во своето корито, но и од поплавените објекти. По должината на коритото на Вардар, особено на најкритичните места се поставуваа вреќи со песок. Повлекувањето на Вардар не е последица на прекинатите врнежи, туку, пред се', на запирањето на испуштањето на вода од Мавровското Езеро. Од четири турбини ЕЛЕМ исклучи две, со што е намален дотокот на води од мавровскиот систем.
Три деноноќија жителите на Раотинце се во мобилна состојба. Вардар се излеа поради неколкудневните врнежи од дожд, топењето на снегот на Шара, но, пред се', од испуштањето вода од Мавровското Езеро. На неколку места во водите имаше паднати дрвја искорнати од брегот, што повеќе ја усложни состојбата. Направена е голема материјална штета во куќите, а уништени се посевите по течението на реката.
Според градоначалникот на општина Јегуновце, Тони Коцевски, опасностите од излевање на Вардар не се отстранети со зафатите за проширување и продлабочување на коритото на излезот од Раотинце што се изврши по последните поплави пред четири години. „Реонот на потегот Туденце-Раотинце од понатамошни поплави единствено може да се спаси со регулирање на коритото на Вардар. Во Министерството за земјоделство е изработен проект и не треба да се чека за негова реализација“, смета градоначалникот Коцевски.
Кирко Масевски, претседател на МЗ „Раотинце“ вели дека во последниве години премногу администратирал со надлежните органи во земјата за да се елиминира овој тежок проблем. „Дојдовте, видовте што се случило и ќе си заминете. Идната година повторно ќе дојдете на истово место ако не се изврши регулација на коритото“, им рече Кирко Масевски на дојдените од министерствата, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и од Управата за водостопанство на Македонија. Жителите на Раотинце се огорчени од се' што им се случува. „Во текот на десет години имаше дури пет поплави. Ни доаѓаа високи функционери, ветуваа и заминуваа. Не сме ниту обесштетени. Само еднаш ни дадоа надоместок и тоа беше се'. Штетите се огромни и постојани. Оние што не' посетуваат заминуваат со ветувања и секогаш исто ни го зборуваат: ’Сега немаме пари, а догодина ќе ве исплатиме’“, велат Зоран Маринковски и Флоре Митревски, жители на селото. Раско Смиљановски тврди дека годинава од плодното раотиночко поле „ќе нема компири, кромид, лук и други градинарски култури, а уништени се и пролетните и есенските посеви“.
Вчера поплавените села ги посети премиерот Никола Груевски. Според него, ова подрачје честопати било поплавувано, па требало да се најде решение на подолг рок. Тој им вети на жителите дека ќе го разгледа проектот за санација и за уредување на речното корито на Вардар во должина од седум километри.
„Откако нашите служби ќе го анализираат проектот и ако се покаже дека со тоа трајно ќе се реши проблемот, ќе почнеме со негова реализација“, нагласи Груевски.
Последните поголеми поплави во трите привардарски села од подножјето на Жеден, особено Раотинце, се случија пролетта 2006 година. Потоа беа преземени мерки за проширување и продлабочување на коритото на Вардар, но тие не беа доволни и за вакви настани. |