Матешиц негира дека има фаворизирање во Ред бул
Сопственикот на Ред бул инсистира дека Вебер и Фетел имаат еднаков третман
По недели поминати со затворена уста во врска со обвинувањата за фаворизирање во Ред бул, сопственикот на тимот Дитрих Матешиц конечно го прекина својот молк. Атмосферата во таборот од Милтон Кејнс е тензична по шпекулациите дека возачите Себастијан Фетел и Марк Вебер не добиваат еднаков третман. Меѓутоа, австрискиот бизнисмен Матешиц за весникот „Клајне цајтунг“ изјави дека во неговиот тим нема поделба на прв и на втор возач.
„Таа филозофија не соодветствува на моето разбирање на тркањето“, вели тој. „Не можете само да програмите шампион. Нашите двајца возачи знаат дека: а) треба да се победат еден со друг, и б) тие се' уште си требаат еден на друг за да соберат колку што е можно повеќе поени од натпреварот. Ние немаме возач број 1 и возач број 2. Обајцата возачи имаат болиди со еднакви стандарди“.
Последниот грч на Вебер е поврзан со одлуката на тимот да го земе предното крило од неговиот болид и да му го даде на Фетел за трката за Големата награда на Велика Британија. Матешиц инсистира дека не бил консултиран за одлуката во Силверстоун и предупреди оти препукувањата во гаражата ќе предизвикаат само проблеми.
„Ако ме прашате денеска кој ќе биде шампион, ќе речам - еден од нашите двајца возачи. Но, во гаражата не смее да има подвоеност, бидејќи тогаш почнуваат проблемите. Двајцата возачи имаат идентични болиди, а проблемот со новото крило во Силверстоун беше првиот исклучок“, вели Матешиц.
Косопственикот на џиновската компанија за производство на енергетски пијалаци исто така ги отфрла и сугестиите дека возачите би можеле да бидат замолчени во иднина.
„Такво нешто не би било наш стил. Секој може да ја каже вистината, што е една од најголемите доблести во Ред бул“, вели 66-годишниот Австриец. |