Тадиќ и Јосиповиќ со поддршка за регионална лига
Претседателите на Србија и на Хрватска повторно ја отворија идејата за фудбалско обединување
Ако можат кошаркарите, зошто не и фудбалерите, уште ако претседателите се согласни, што може да стои на патот на формирање на регионална лига во фудбал.
Претседателите на Србија и на Хрватска Борис Тадиќ и Иво Јосиповиќ, на нивната средба пред неколку дена практично повторно ја отворија веќе децениската дебата дали е можно фудбалско обединување на бившите Ју земји.
Последните 15 години клубовите од тие простори играат епизодни улоги во евро куповите. Никој не е задоволен од квалитетот, ниту од посетата, ниту од финансиите, но никако да се направи тој, за многумина, и ризичен чекор. Како модел послужи Јадранската лига во кошарка, која дава добри резултати.
„Јас го поддржувам формирањето на таа Лига, но треба да се внимава на безбедноста. Во кошарката проектот успеа, што значи дека такво натпреварување е можно“, изјави Борис Тадиќ по средбата со Јосиповиќ.
Хрватскиот, пак, претседател нагласи дека „начелно немам ништо против тоа, но последниот збор го имаат Федерациите“.
Српскиот „Блиц“ се обидел да контактира со претседателот на Динамо Здравко Мамиќ, а тој им изјавил дека ќе разговара кога нешто конкретно ќе почне да се работи на таа тема.
Мамиќ во повеќе наврати заговараше формирање на Регионална лига поради што го нарекуваа југоносталгичар. На тие етиките врати со зборовите: „Само примитивци не гледаат дека тоа е единствениот спас за фудбалот. Еден ден преку Европската унија ќе бидеме заедно и наместо да се договориме и да настапиме пред УЕФА и издејствуваме да се добие виза преку овој турнир да играме во Лигата на шампиони и Лига Европа, ние се бавиме со тривијални работи“, посочи Мамиќ.
На оваа тема за српските медиуми пред неколку месеци проговори и македонската фудбалска легенда Дарко Панчев.
„Доколку се здружиме се може да направиме. Ајде да и кажеме збогум на омразата, да гледаме напред. Моделот од кошарката може да се преслика, но да се вклучи и Македонија. Посетата на стадионите нагло би се зголемила. Тврдам дека на натпреварите ќе доаѓаат минимум по 10.000 гледачи“, смета Панчев. |