Уставен суд постапувал по 400 предмети
Уставниот суд во текот на годинава има одржано 42 седници, постапувал по 400 предмети, а донел 71 интервентна одлука за укинување и поништување одредби од 40-ина закони, истакна на вчерашната неформална средба со новинарите претседателот на судот, Трендафил Ивановски.
Изразувајќи задоволство од соработката со медиумите, претседателот на Уставниот суд рече дека во новинарите гледаат сојузник за вистината, бидејќи, како што додаде, "многу работи си дојдоа на свое место, а пред се' комплетирањето на судскиот состав токму поради добрата соработка со медиумите".
Судската служба за информирање води евиденција за тоа колку медиумите ја следат неговата работа.
„Така, од 360 дена во годината, во 275 дена имаше објавено текстови поврзани со работата на судот, а во 85 дена немало", додаде Ивановски.
Благодарение на медиумите, одлуките на Уставниот суд генерално автентично се пренесуваат, истакна Ивановски, потсетувајќи на одлуките за фискалните патриотски сметки, за ретроактивното дејство за парното греење, за државната матура, за знамињата на заедниците... (П.Р.) |