Истрагата ќе ја води јавен обвинител наместо судија
Истрагата во иднина ќе ја води јавен обвинител наместо судија. Ова е една од главните новини на новата рамка на законот за кривична поставка, што вчера и официјално беше презентирана во рамките на проектот за реформа на казненото законодавство.
„Веќе ја имаме првата работна верзија за законот за кривична постапка, кој содржи 584 члена. Овој закон на поинаков начин ја регулира кривичната постапка во Македонија, а тоа ќе значи, меѓу другото, поефикасно спроведување на кривичната постапка и заштита на правата и слободите на граѓаните, истакна министерот за правда, Михајло Маневски, на вчерашната конференција во Скопје.
Говорејќи за неопходните активности во казненото законодавство, професорката од Правниот факултет во Скопје, Гордана Бужаровска, рече дека клучни точки на реформата се измените во врска со јавниот обвинител, како орган што ќе ја води истрагата.
„Истражниот судија веќе нема да постои во судскиот систем, ќе има судија на претходна постапка кој нема да суди, но ќе се грижи за заштита на индивидуалните права и слободи на поединецот, чии права се засегнати со активности преземени во текот на постапката“, појасни Бужаровска.
Таа додаде дека се прифаќа и нов концепт на правосудна полиција каде што се обединуваат органите за истраги од МВР, од Царинската управа и Финансиската полиција.
„За време на реализирањето на проектот се настојуваше да се почитуваат стандардите од аспект на одбраната, односно она што го бара Европската конвенција, а тоа е балансот меѓу ефикасноста и почитувањето на човековите права“, рече Бужаровска. (Г.Д.)