За премиерот, укинувањето на патриотските сметки е неправедно
Уставниот суд можел да донесе и поинаква одлука, смета премиерот
Премиерот Никола Груевски повторно застана во одбрана на проектот за патриотски фискални сметки, чија примена деновиве беше укината од страна на Уставниот суд како неуставна.
"Одлуката за укинување на патриотските фискални сметки не е докрај добра или праведна, затоа што таа мерка е воведена во држави во Европската унија и таму функционира како уставна", изјави вчера премиерот Груевски по средбата со стопанствениците, членови на Сојузот на стопанските комори, кои од почеток беа против овој проект.
Груевски во овие фискални сметки не видел нарушување на пазарните законитости, но не најави што ќе прави Владата за да ги санира последиците предизвикани од владината одлука.
„Не гледам со што го нарушува пазарот кога имаме ситуација кога тоа е само една информација за граѓаните колку потрошиле за домашни производи. Навистина ми е жал што дојде до таа одлука. Лично сметам дека можеше и да не биде таква, а за понатамошните чекори ќе бидете информирани", рече Груевски.
Според него, воведувањето на оваа мерка имало позитивни ефекти, додека информациите од терен говорат дека трговијата нема регистрирано зголемување на прометот на домашни производи по воведувањето на патриотските фискални сметки.
Опозицискиот СДСМ вчера ја демантираше изјавата дека воведувањето на патриотските фискални сметки е направено по позитивниот пример во Ирска.
„Не' убедуваа дека патриотските сметки биле воведени по примерот на Ирска, а никој не кажа дека Европскиот суд ја поништил одлуката на Ирска и наложил враќање на парите на трговците. Патем речено, прометот со тие сметки во Ирска паднал за 6 отсто“, изјави вчера пратеникот Јани Макрадули. (А.С.) |