Ансамблот за народни игри и песни „Танец” и женското друштво „Животна искра”, вчера беа одликувани од страна на претседателот Бранко Црвенковски со Орден, односно со Медал за заслуги за Македонија.
„Ансамблот ’Танец‘ е создаден да го собира, негува и промовира македонското фолклорно богатство и преку својата работа создава вистинско живо наследство на вековната традиција и творештво, вткаена во кодот на македонскиот народ“, посочи Црвенковски и додаде дека нивната оригинална презентација на Македонија придонесува за нашата афирмација и углед во светот. Активистките на „Животна искра“, кои се пред се' жени оперирани од рак на дојка, за претседателот Црвенковски се пример на борци во животот и хумани витези во битката за воспоставување еден систем на нови стандарди кои подразбираат и обезбедување шанса за сите оние кои се заболени од најстрашната болест на модерната доба, на ракот. „Членките на ’Животна искра‘ најдобро ја познаваат смислата на хуманоста, а нивната хумана улога во подигнувањето на јавната свест за проблемите од здравствен, социјален и секој друг аспект е восхитувачка“, рече Црвенковски. (Ј.Ј.)