Ќе се блокираат една милијарда долари за Бугарија од фондовите на ЕУ
До ноември мора да се види напредок или Софија ќе се загуби уште 400 млн. долари
СОФИЈА - Европската комисија планира да блокира речиси една милијарда долари во фондовите за Бугарија како казна за неуспехот на земјата да се справи со корупцијата и организираниот криминал. Во извештајот, до кој успеа да дојде Би-Би-Си, се предупредува дека помош во вредност од неколку милиони долари би можела да биде загубена доколку властите не преземат посериозни чекори. И шансите на Бугарија за приклучување на Шенген- зоната се доведени во ризик.
Бугарија и нејзиниот сосед Романија, се предмет на специјален мониторинг, бидејќи тие во целост не ги исполнија ЕУ-стандардите кога и' се приклучија на Унијата. Извештајот на комисијата на девет страници, кој треба да биде објавен следната недела, веројатно е најостриот напишан од извршното тело на ЕУ за некоја земја-членка. Се заклучува дека Бугарија „треба да се ангажира за чистење на својата администрација и да се осигура дека великодушната поддршка што ја добива од ЕУ навистина стигнува до граѓаните, а не заминува во џебовите на корумпираните официјални лица, кои соработуваат со организираниот криминал“.
Европската унија веќе замрзна стотици милиони долари вредна помош наменета за инфраструктурата и земјоделството во Бугарија. Сега се планира да го укине правото на две агенции за користење на ЕУ-фондовите во вредност од речиси една милијарда долари. Во извештајот се предупредува дека речиси 400 милиони долари би можеле да бидат загубени доколку до ноември не се поправат работите. Уште неколку милијарди долари од идни финансиски средства се доведени во ризик, како и шансите на Бугарија за скорешно влегување во Шенген-зоната. Европската комисија, исто така, изрази загриженост околу константниот неуспех да се реши некое од 150-те мафијашки убиства забележани во Бугарија од падот на комунизмот.
Во одделен извештај и Романија се очекува да се соочи со жестока критика, особено околу одолговлекувањето на истрагите за корупција, од страна на парламентот, во кој беа инволвирани поранешниот премиер и други високи официјални лица, но Европската комисија веднаш не излезе со санкции. Сепак, и двете земји и понатаму ќе продолжат внимателно да се следат, а официјалните лица наведоа дека мерките што се планирани да се спроведат против Бугарија би требале да послужат како предупредување за останатите, кои се внатре и оние кои се обидуваат да влезат во ЕУ. (Би-Би-Си) |