ТВ фотелја
Тенис за почетници
Роберт Д. Крстевски
Две седмици уживање, но и нервоза. Тоа е кусиот опис на атмосферата кај илјадниците љубители на тенисот во Македонија, „залепени“ пред малите екрани за време на директните преноси на телевизија Телма од годинашниот Вимблдон. Поточно, станува збор за една и пол седмица, бидејќи во полуфиналните и во финалните мечеви во двете конкуренции, конечно, изостанаа непријатните изненадувања што беа одлика на пренесувањето на неофицијалното светско првенство во овој спорт.
Прво што почна да нервира беше практиката во првите десет дена од третиот Гренд-слем турнир во сезоната да се прекинуваат преносите за да се емитуваат вести и, што е уште понесфатливо, блок од најави за емисии што ќе следуваат на програмата тој ден или наредните! „Законот на Карсон“ или „Никој да не знае“, на пример, можат да се најават буквално кога сакаш, но Телма ги рекламираше токму кога беше најинтересно. Што да се каже, пак, за ненадејното прекинување на преносите за да се емитува „Храна и вино“, и тоа од крај до крај? Можеби е таков договорот, но вкусот на „храната“ беше горчелив.
Капак на се', сепак, беше префрлањето од еден на друг меч, и тоа без никакво предупредување. Тоа вадеше од кожа и првите денови од турнирот, а камоли во четвртфиналето, кога првиот фаворит Роже Федерер наиде на најпријатното изненадување, хрватскиот „џин“ со убиствен сервис, Иво Карловиќ. Траеше што траеше преносот, кога - оп, се префрлија на мечот меѓу Новак Ѓоковиќ и Томи Хас, за повеќе од половина час подоцна повторно да се вратат на првиот дуел! Тоа му доаѓа исто како да гледаш филм и по половина час да го прекинат за да почнат со емитување на друг, а по одредено време повторно да се вратат на првиот!?
За коментарите, пак, да не зборуваме. Сто пати во пресметката меѓу Карловиќ и Французинот Жо-Вилфред Цонга упорно да се повторувала фразата дека „Хрватот не отстапува од својот начин на игра“. Веднаш се наметнува прашањето зошто некој би го сменил начинот на игра доколку тој му носи успех? Не треба господ знае какво познавање на тенисот за да се забележи дека, на пример, Карловиќ целата своја игра ја базира токму на сервисот, кој му е најсилното, ако не и единствено оружје. Ако не отсервира барем 40 аса во еден меч, практично, би загубил уште пред да го почне мечот, бидејќи другите елементи во играта му се многу послаби од сервисот.
Пресвртот во начинот на покривање на Вимблдон од полуфиналето до крајот на турнирот, кога и централниот „Дневник“ чекаше за емитување по завршувањето на пренесуваниот меч, покажува дека во Телма, сепак, ги забележаа пропустите и решија да ги поправат. Тоа дава надеж за в година, со оглед на тоа дека скопската телевизија со национална концесија ги откупи правата за најпрестижниот тениски турнир и за 2010 година.
|