МАГАЗИН
Тажните срца на насмеаните кралеви
Елвис Присли и Мајкл Џексон, едниот во рокенролот, другиот во попот, заминаа премлади во легендите
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Музиката има моќ да обликува карактер - е константа на Аристотел. Шекспир е цитиран со делот за доверба и недоверба. Погодувате - оние што не ја сакаат музиката треба да се одбегнуваат, зашто не влеваат доверба. И така со векови, луѓето што ја творат, изведуваат и ја сакаат музиката се нарекуваат емотивци и нежни душички, сеедно какви егоцентрици и зависници стануваат - отпосле. Творењето е чин за почит.
Елвис Присли и Мајкл Џексон направија се' за сите - освен за себе. Не успеаја да си ги зачуваат и заштитат срцата. Едноставно - пукнаа пред навистина да им дојде времето.
Да знаеше своевремено белиот Елвис дека ќерка му ќе се омажи со црниот Мајкл , тешко дека ќе го дадеше својот благослов. Сеедно што неговото име се врзува за зачетоците на рокенролот. Педесеттите години на минатиот век беа чувствителни во мешањето на црно-белиот свет.
Мајкл Џексон беше единствениот Црнец што сакаше да го прекине проклетството на чичко Том, белејќи ја кожата. Стана крал на поп-музиката, создаде песни кои не се забораваат, го промовира „moonwalk“, имаше хуманитарни акции и понекогаш инфантилни идеи.
Елвис и ден-денес е на тронот како кралот на рокенролот. И двајцата, вистински музички фирери не го мешаа духовното и материјалното. Така се родија Грејсленд и Недојдија.
Елвис Присли почина од срцев удар, а неговите обожаватели можат да му оддадат чест на имотот Грејсленд.
Недојдија е имотот што Мајкл Џексон си го подари себе си, а можеби таму и ќе остане. Се' уште се големи шансите и тој како крал на попот да си има вечен дома, исто како што неговите обожаватели засл��жуваат аџилак.
Мајкл Џексон го купи имотот во 1987 година, со цел големата земја во Санта Барбара во Калифорнија да стане продолжение на сказната. И сите години понатаму Мајкл го досредуваше и дооформуваше имотот, создавајќи огромен забавен парк - правеше зоолошка градина, тематски паркови што личеа на Дизниленд. Неколку години подоцна поради финансиските проблеми ја напушта Недојдија и се сели во Л.А. Реиздавањето на „Трилер“ требаше да го олесни патот до парите за да си го врати имотот.
Влијанието на музиката на Присли е огромно, а неговите концерти еднакво интересни и денес личат на масовна хистерија, проткаена со љубовни пораки и од страна на кралот и од страна на публиката. Роден е во 1935 година во Мисисипи во прилично сиромашно семејство. И родителите на Џексон не беа богати, па раѓањето талентирани деца било можност нештата да се сменат.
На музичката определба на Елвис најмногу влијаеја тогашните поп и рок, како и госпел-музиката што ги слушаше во цркви. Мајкл го имаше блузот и соул во гените, ама одеше кон традицијата на белците – поп-музиката. Во тоа сакање одеше безусловно – дури почна и да се бели.
Во 1956 година, Елвис стана сензација поради единствениот стил и звук, односно комбинација на разни музички влијанија и беше поинаков од се' што можеше да се чуе во тоа време. Хитовите му станаа евергрини „Thats All Right Mamma“, „Heartbreak hotel“, „Hound Dog“, „Dont Be Crue“, „Love me tender“, „Suspicious Minds“, „In the Geto“, од 1960 до 1975 издаде 52 плочи, а додека беше жив продаде 600 милиони примероци - од нив, глумеше во 33 филма ... Едноставно - убавецот со секси движења ги собори сите рекорди, на врвовите на топ-листи остана 996 недели, добиваше награди, беше етаблиран и сакан и од горните и од долните.
„Трилер“ на Мајкл Џексон од 1982 година со неверојатна леснотија стана најпродаван албум на сите времиња, 85 недели остана на Билборд-листата, а 37 недели го имаше првото место. Овој албум влезе во музичката историја – до неговата смрт се забележени 109 милиони примероци, додека заработувачката од авторствата на песните изнесува над милијарда долари. Во 40-годишната кариера Мајкл објави 10 албуми, ама тоа не е крај на неговата империја. Стана неверојатно влијателна личност на популарната музика и култура - секое негово движење, нов хит, врска, интервју, мавтање... создадоа легендарна икона на популарната музика.
И Елвис Присли стана легенда за време на животот. Беше цар за концерти, велат се' уште никој не го надминал она неговото - за еден месец, во август 1969 година, Елвис направи 57 концерти... Мерката, линијата и дозата му беа непознати поими. Знаеше да се предозира со барбитурат, знаеше да пие лекови за смирување и можеби најмногу од се' - да јаде. Омилените сендвичи со путер од кикиритки - го чинеа живот. Елвис е единствен белец што пееше ритам и блуз и прв што спои кантри и блуз. Ги постави основите на рокенролот.
Мајкл е единствен Црнец што го презентира попот како да е белец.
И двајцата имаа статус на мистици. Нивниот крај, за жал, значи почеток на огромната туристичка и забавна индустрија. Илјадници имитатори на Елвис и денес добро заработуваат, настапувајќи во разни клубови. Неговиот лик се наоѓа на ликот на поштенска марка. Колку и што се' ќе донесе смртта на Мајкл, допрва ќе се открива.
Кога во 1993 година излезе тужба за педофилија на Мајкл, животот сосема се смени. И тогаш, во најтажниот период, сите молчеа. Пријателите, познајниците, колегите во недоверба останаа неми. Никој не истапи да каже нешто во негова корист, да го одбрани. Жолтиот печат беше немилосрден, а таблети за смирување, и што се' не, единствен сојузник во борбата со болката...
Историјата го врти својот круг и нештата се повторуваат.
Убавите луѓе не огрдуваат со приказни, а Елвис и Мајкл се дел од историјата.
И за разлика од тривијалности, нивните приказни немаат хепиенд. |