МАГАЗИН
Не му се изнарадувавме на нашето дете додека беше живо

Животот на Тоше Проески беше како комета - се вивна кон небото, блесна и осветли и отиде да сонува
ВАЛЕНТИНА ТОДОРОВСКА
Дваесет и шест години е многу кусо време. Уште не си тргнал, а треба да застанеш и да не се вртиш наназад. Со 26 в џеб се' уште си дете, поради младоста ти се прогледува низ прсти, џепарлакот е од дома, од прегратките на мама и тато. Станува збор за само 26 лета и исто толку зими.
Малку време човек да му се изнарадува на сонцето, да направи куп слики од облаците зумирани низ крошните на дрвјата, трошка за одмор, ронка за работа.... Кога е Тоше во прашање, ништо нема логично објаснување. Нема космички ред, нема чуда, нема враќање. Тоше Проески, нашиот најдраг човек, син, брат, пријател, идол, соработник, наше дете на кое не му се израдувавме додека беше живо, со помислата дека го нема повторно заклучувавме – неговиот живот беше како блесок, комета, нешто што огреа, стопли, даде надеж. И згасна.
Тоше ништо не бараше, а се' даде. И затоа по него тагуваме како по најблизок. Тој најдрагиот имаше уште толку многу да живее, да испее, да сака.
Тоше беше роден за музика. Откако пее, оттогаш е во центар на вниманието. Како да не го запаметите крушевското белканто, лирика со која им даде живот на емоциите?! Чиста енергија, публика, еуфорија, награди, љубов... Не се фолираше, затоа ние, премачкани со сите бои, тоа неговото „ве сакам сите“ не го разбравме. Пееше исто како што дишеше - дење, ноќе, постојано. „Усни на усни“, „Твоите бакнежи“, „Излажи ме“, „Соба за тага“, „Иконо моја“, „Ледена“, „Рузвелтова 3“, „Крајње време је“, „Арија“. Никој така не ја испеа „Зајди, зајди“, „Јовано“, речиси невозможно и застрашувачки е сега да се слушаат „Игри без граници“, а уште потрогателна е приказната со „My little one“.
Тоа е песна настаната непосредно по враќањето на Тоше од Ерусалим минатата година. Ја испеа со Кристијан, внукот што Тоше си го викаше нагалено „малиот пејач“. Таму Тоше пее повисоко за да му парира на гласот на својот внук. Зборовите се тие и тогаш и сега. Текстот претрпел минимални корекции и тоа поради реченици кои на Тоше му беа пренападни и кои сакал да ги смени... Застрашувачки звучи песната исто како и верувањето дека времето ги лекува раните. Кое време?

Тоше ни ги врати насмевките и романтиката во секојдневјето. Токму кога блиндирани чувства во „кул“ време ни ги преплавија фајловите во глава. Тивко, нежно пееше тој за бакнежи, за рака во рака, гушкање. За погледи што се како отворени книги. Го сакаа и богатите и сиромавите, и болните и здравите, и убавите и грдите. Не ги двоеше Тоше луѓето – ги гушкаше сите, бескрајно долго ги слушаше и им зборуваше... Помагаше. Беше мал, а голем. Млад, а стар. Патем, одамна на нашата сцена никој наместо „чао“ не бакнувал во рака како Проески. Гласник на љубовта, оти музиката е измислена за да сведочи за осаменоста на луѓето. Со Тоше имавме чувство дека некому припаѓаме.
Утре Крушево ќе жали. Една година без Тоше е најтрагичен помен во поновата македонска историја. Сакан и љубен – 40.000 срца чукаа само за Тоше на неодамнешниот концерт на стадион.
Зборовите се мали и тесни како завиени сокачиња, а со нив треба да го опишеме неможното.
Наша солза и насмевка. Нашиот пркос да и' се инаетиме на судбината и на тој одозгора, оти ни го зеде без најава и предупредување. Тоше не е спомен, ниту кога било ќе биде.
Песните што ги остави, сите тие имаат понекое молекулче од душата на Тоше. А кога се пее толку гласно, до небо, па и подалеку, пошироко и повисоко, кога ви се мешаат солзите и насмевките, немоќ и тага, тогаш се бришат границите на умот, космосот, универзумот. И тогаш верувам дека Тоше не' слуша.
Тој е пожив од сите нас.
Биографија

Тоше е роден на 25 јануари (во знакот на Водолија) 1981 година во Прилеп, како второ дете во семејството Проески. Талентот за пеење беше изразен уште од најраното детство - така, првиот јавен настап го има на „Златно славејче“ како 12-годишно момче, пеејќи ја „Јас и мојот дедо“. Беше сосема логично Тоше својата иднина да ја поврзе со музиката и да се запише во Средното музичко училиште во Битола. Нешто како официјален старт на музичката кариера значи победата на Фестивалот за млади таленти „Мелфест“ во 1997 година, а неговата изведба на „Yesterday“ на „Битлси“ долго се прераскажуваше. Истата година го има меѓу учесниците на „Макфест“, каде што ја пее композицијата „Пушти ме“. Неколку месеци подоцна ја пее „Остани до крај“ од Хари Котларовски и од Кристијан Габровски, со што го сврте вниманието кон себе меѓу скопски фестивалски фанови. Испеа прекрасни балади од периодот на соработката со композиторот Григор Копров, што во комбинација со текстописецот Огнен Неделковски му ги носи најголемите хитови „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Твоите бакнежи на моите бели кошули“.... Во периодот на работата со „Авалон продукција“, во 1999 година го издава деби-албумот „Некаде во ноќта“, а летото истата година Тоше го има својот прв концерт на скопското лизгалиште, кој и покрај дождот и лошото време, беше настан на годината.
Во 2000 година, Тоше учествува на „Скопје фест“ со „Солзи прават златен прстен“ која, и покрај тоа што победува на телевоутингот, не успеа да му го донесе посакуваното евровизиско патување. Во овој период почнува активност врзана со песните за вториот албум „Синот Божји“, кој е промовиран во јуни 2000 година. Албумот беше апсолутно хитовски – се' уште се мегапопуларни „Немир“ (дует со Каролина Гочева), „Во коси да ти спијам“, „Излажи ме“, „Илузија“, „Тајно моја“... Во 2001 година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, ја има турнејата низ Австралија, а потоа почнува соработката со менаџерката Лилјана Петровиќ. Првиот чекор во новото животно поглавје е снимањето во студио во Атина, Грција. Така настана третиот албум „Ако ме погледнеш во очи“ на македонски и на српски јазик, интензивна промоција на бившите ЈУ-простори и во Бугарија. Во април 2003 година, на Тоше му се случува уште една победа - на фестивалот „Беовизија“ со песната „Чија си“, која станува голем хит на балканските простори. Следува период на усовршување на гласот, на англискиот јазик и часови кај прочуениот професор Вилијам Рајли во Њујорк. Успешен концертен период го назначува периодот потоа - а хуманитарните концерти низ Македонија беа причина за добивање на наградата „Мајка Тереза“, а во 2003 година станува регионален амбасадор на УНИЦЕФ. Следната година МРТВ и нацијата го избираат Тоше за претставник на евровизискиот настап, кој се одржува во Турција. Во февруари, со помош на телевоутинг, жири и лично мислење, избрана е песната „Ангел си ти“. Во април Тоше го издава албумот „Ден за нас“, двојн�� цеде на кое се сместени осумте песни изведени на Изборот за песна на Евровизија. Следниот месец, Тоше го освојува 14. место со песната „Life“, англиската верзија на „Ангел си ти“. Истата 2004 година, именуван е за амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. По тој повод, ја снима песната „За овој свет“, во англиска верзија „This World“, која станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува договор со „Dallas Records“ за издавање на неговиот следен албум во Хрватска и во Словенија. Го снима дуетот со Ања Рупел „Крајње време“, а во 2005 година неговиот петти албум „По тебе“ е издаден низ целата територија на поранешна Југославија. Ги снима и дуетите со Антонија Шола, Тони Цетински и песната „Арија“, што инспиративно ја изведе со Џана Нанини.
Неговиот следен албум „Божилак“ е компилација на 14 избрани македонски народни песни придружени од симфониски оркестар. Во 2007 година, Тоше го издава и „Игри без граници“ - неговиот последен албум, а на 5 октомври ланската година прави концерт на Градскиот стадион во Скопје, чии средства беа наменети за ревитализација на македонското школство.
На 16 октомври минатата година требаше да снима спот во Хрватска, имаше закажано шоу, телевизиски интервјуа. Смртта го затече на совозачкото место на истиот датум . Тоше загина во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка во Република Хрватска, на возраст од 26 години. (В.Т.) |