Наука
Сини очи балкански
Данските научници од Универзитетот во Копенхаген тврдат дека првите синооки луѓе се појавиле на Балканот
„Големиот генетички бум“ што ја услови појавата на сите синооки личности на планетата се случил на северозападното крајбрежје на Црно Море или во регионот на Балканот, тврдат данските научници од Универзитетот во Копенхаген во својата најнова студија објавена во списанието „Хјуман џенетикс“.
Науката за гените одамна го утврди фактот дека синооките луѓе претставуваат релативно понова појава на историската сцена на човештвото. До пред шест - десет илјади години сите жители на „третиот камен од сонцето“ биле со кафеави очи, а потоа се случила величествена генетичка мутација која на човештвото му подари очи со боја на сафир. Постулатите на еволутивната генетика, поради кои верувавме дека сините очи во Европа стигнале со Викинзите, студијата на данските научници ги извртува за 180 степени - очите со боја на лаванда се најдобриот генетички „извозен производ“ од Балканот, тврдат истражувачите од Копенхаген.
Статистиката сведочи дека најголем процент на синооки луѓе на светот (дури 99 отсто) живеат во Естонија, потоа на Исланд (кој го населуваат 90 отсто синооки), Скандинавија и источноевропските земји - сините очи се национално визуелно обележје на Полјаците, Чесите, Словаците, Украинците...
Зошто бебињата се синооки
Бојата на очите е одредена од количината на пигментот меланин што се наоѓа во ирисот на окото. Доколку концентрацијата на меланинот е поголема, очите ќе изгледаат кафеави или дури црни, а ако ако е помала, очите ќе бидат сини. Средните количества меланин даваат сиви и зелени очи, а причината поради која бебињата имаат сини очи е тоа што во моментот на раѓање не започнува веднаш продукцијата на меланин во нивниот ирис. Кога ќе започне синтезата на меланин, очите можат да ја сменат бојата во зелена, кафеава... |
Д-р Билјана Стојковиќ од катедрата за генетика и еволуција на Биолошкиот факултет во Белград многу внимателно ги коментира податоците што се изнесени во студијата на данските научници и објаснува дека за нејзин целосен научен легитимитет е неопходно во неа да бидат вклучени поголем број личности од сите региони на светот за да се разбере комплетната генетичка варијабилност за бојата на очите.
„Во студијата на научниците од Универзитетот во Копенхаген се вклучени голем број луѓе од Данска и - само пет личности од останатите региони во светот - што фрла сомнеж на тврдењето дека сите синооки луѓе на светот се членови на исто генетичко семејство. Имено, постои голема генетичка веројатност дека сите синооки луѓе во Данска потекнуваат од еден синоок предок Данец, но е многу дискутабилна тезата дека сите луѓе на светот водат потекло од еден синоок предок. Поедноставно кажано, две личности можат да имаат едно заедничко својство (сино око), но тоа не мора да потекнува од истата генетичка мутација. Важно е да се разбере дека бојата на очите не е одредена со еден ген - повеќе гени во меѓусебно содејство даваат одредена боја на окото. Генот ОСА2, што го анализираа данските истражувачи, е најважен за бојата на окото, но не е единствен ген што ја дава бојата на окото“, објаснува д-р Стојковиќ. Таа потсетува дека анализираниот ген за сини очи е рецесивен и изведува интересна генетичка пресметка со процентите на веројатност.
Одговорот на прашањето - која боја на очи ќе ја има детето е едноставен само во случај на синооки родители. Двајца синооки родители на човештвото мора да остават синоок наследник, но двајца родители со кафеави очи можат да добијат дете со очи со боја на море, бидејќи тие можат да бидат носители на рецесивни гени за сини очи кои не дошле до израз од доминантните гени за кафеави очи.
„Сите ние наследуваме по две варијанти од истиот ген - ако мајката има сини, таткото кафеави очи, бојата на очите на детето ќе зависи од тоа дали таткото со кафеави очи во својот генотип има рецесивен ген за сино око. Во конкретниот случај, шансите дека тие ќе добијат синоок потомок изнесуваат 50 отсто. Ако двајцата родители се со кафеани очи и ако тие во својот генотип имаат рецесивен ген за сино око, имаат околу 25 отсто шанси да добијат дете со сини очи. Со други зборови, ако од мајката сме го наследиле доминантниот ген кој е активен во синтезата на меланин и ги дава кафеавите очи, а од таткото рецесивниот ген, генот од мајката е подоминантен и ние ќе имаме кафеави очи. Сини очи можеме да имаме само ако мајката во својот генотип има ген за сини очи“, објаснува д-р Билјана Стојковиќ. Таа додава дека во некои региони во светот бојата на очите може да има и заштитна функција - ако лицето живее во Африка, исклучително е важно бојата на очите и на кожата да биде потемна, бидејќи меланинот не' штити од УВ-зрачење.
Иако не постојат егзактни податоци за бројот на синооките жители на планетата, некои интересни статистики укажуваат дека кафеавата е најчеста боја на очите во општата популација, а зелената е најретка - дури секоја 12-та личност на планетата има поглед со боја на смарагд. Кафеавите очи претставуваат вистински раритет во земјите што го опкружуваат Балтичко Море, како што е случај со Естонија и Финска, а зелените очи најчесто се среќаваат во Северна и во Источна Европа и Холандија. Сини очи најчесто имаат жителите на Финска и европскиот дел на Русија, а најмногу синооки живеат во Источна и во Северна Европа, особено во Финска, Шведска, Норвешка, Данска, Германија и на Исланд. Дури 90 отсто жители на Исланд имаат очи со бои на Атлантикот, во споредба со 20 отсто синооки Шпанци. Статистиката покажува дека секој трет бел жител на Америка е со сини очи. (Политика)
|