Полицијата демантира дека уапсила четирикратен убиец од Врање
Српските медиуми објавија дека во земјава е уапсен Бобан Митиќ (33), кој ги уби ќерката, синот, сопругата и бабата
По извршените проверки, МВР соопшти дека уапсениот српски државјанин не е Бобан Митиќ, по кого трага Интерпол. Тој пред три недели ги уби своите најблиски, не можејќи да го прежали разводот со сопругата
Горан Адамовски
Македонската полиција утврди дека српскиот државјанин кој во петокот беше уапсен во земјава не е Бобан Митиќ (33), по кого српската полиција распиша меѓународна потерница поради четирикратно убиство во селото Ратае, кај Врање. Од друга страна, медиумите во Белград наголемо пишуваат за успехот на македонската полиција која го уапсила човекот што ги уби своите малолетни ќерка и син, сопругата и нејзината мајка, а потоа како да исчезна од Земјината топка. За сите информации во случајот била известувана и српската амбасада во Скопје.
Драмата започнала во петокот попладне, кога на граничниот премин Богородица, била уапсена „сомнителна личност“ од Србија при обид да ја напушти Македонија и да влезе во Грција. Првично, како што пишуваат медиумите во Белград, кај уапсениот бил пронајден пасош на име Владан Божиновиќ, но неговиот изглед не одговарал на описот на четирикратниот убиец што го добиле од српските колеги. Следувале дополнителни контакти со Интерпол и откако биле споредени отпечатоците и фотографиите, било утврдено дека уапсениот не е Бобан Митиќ. Српскиот државјанин бил пуштен да си оди.
„Утврдивме дека не станува збор за бегалецот што го бараат колегите од Србија“, велат во МВР.
Весникот „Блиц“ објавува изјава од возачот на автобусот на една приватна фирма од Прешево, со кој, наводно, Митиќ пристигнал во Македонија.
Местото на убиството
Возачот со иницијали М.М. на српските служби им кажал дека сомнителниот патник во петокот околу 9 часот бил пред железничката станица во Прешево, каде што влегол во автобусот што возел од Прешево за Тетово.
„Човекот е висок, не беше избричен. Носеше тренерки и патики. Границата ја мина со пасош на кој пишуваше дека е роден во Подгорица и дека живее во Белград. На листата со податоци за секој патник го имам и бројот на неговиот пасош. Близу Скопје, од средните, премина на задните седишта на автобусот. Според неговото однесување видов дека нешто не е в ред. Кондуктерот отиде до него и на албански јазик го праша дали ќе излезе. Патникот го разбра кондуктерот и му рече: ‘Полека, јас бегам од полицијата‘. Кога кондуктерот му одговори дека не треба да се плаши од полиција, бидејќи се наоѓаме во Македонија, сомнителниот патник му одговори: ‘Си чул ли ти за оној човек од Врање што ги отепа жената и децата‘. Кондуктерот се исплаши“, раскажува возачот на автобусот.
Како што пишува „Блиц“, возачот го повикал патникот и му рекол да седне напред.
„Го прашав до каде ќе оди, а тој ми одговори до Грција. Му реков дека можам да го пренесам до Тетово. Се исплашив да не ми извади нож или пиштол и да ме натера да го возам до Грција. Едвај чекав да излезе од автобусот или да здогледам полиција. Кога ја минавме наплатната рампа кај Тетово, излезе и ме поздрави на албански јазик. Јас отидов до Тетово и не зборував со никого. Кога се вратив во Србија, му кажав на газдата за случајот и тој ми рече да пријавам во полиција“, раскажува возачот за „Блиц“.
Според жителите на селата во близина на Врање, Митиќ, наводно, ги продал неколкуте овци за да има пари да побегне во Македонија и Грција.
На 16 март, околу 20,45 часот, Митиќ ги убил својата двегодишна ќерка Ангела, четиригодишниот син Лазар, сопругата Сузана (25) и нејзината мајка Сунчица Ристиќ (47). Потоа ја ранил Кристина М., ќерка на сопругата од првиот брак, а се обидел да го убие и таткото на сопругата, но му снемало муниција. Мотивите се бараат во сомневањата дека Митиќ никако не можел да го прежали разводот на бракот и преселбата на сопругата кај нејзините родители. |