Премногу говор, премалку музика
Американската хип-хоп атракција диџеј Премиер беше дел од 12. издание на фестивалот „Таксират“
Бојан Шашевски
Го чекаа, го зборуваа, дел го критикуваа, го бараа, на крајот сите го добија. На хип-хоп фановите во државава завчера во клубот „Колосеум“ конечно им се случи диџеј Премиер, американската раперска сензација, поим за бруклинскиот агресивен и суров звук од деведесеттите години на минатиот век. Новата европска турнеја „Year One“ на 44-годишниот Кристофер Едвард Мартин започна токму во Македонија, гостувајќи во рамките на 12. издание на музичкиот фестивал „Таксират“. Уште кога „Пасворд продукција“ заедно „Шуршотз ентертејмент“ ја најави инструменталната половина од легендарното дуо „Генг Старр“, обожавателите на „Примо“ најавија узурпирање на просторот во „Колосеум“. Од средношколци и средношколки, преку различни љубопитни музички вљубеници, па се' до страсни хип-хоп фаци во вторникот будно го следеа целовечерниот настап на диџејот и продуцент од источниот брег.
Иако концертот беше најавен во 20,30 часот, црномурестиот рапер се појави зад диџеј пултот дури два часа подоцна. За тој период надоаѓачката публика во клубот ја анимираше „Фет Фили“, реномиран хрватски диџеј. Десетиците кренати раце и довикувања беа знак дека Премиер, конечно, се качи на сцената. Публиката во екстаза. Снуп Дог беше прв во репертоарот на бруклинскиот рапер, па потоа и теми од Нас, Биг Ел, МОБ, на изненадување и песна од Ту Пак, па дури и од „Н.В.А.“, „непријателите“ од западниот брег. Сепак, главно посвети внимание на Гуру од „Генг Старр“, неговиот долгогодишен партнер, човекот кој почина годинава, само неколку месеци откако диџеј Премиер најави повторно соединување на бруклинското дуо.
Жедните посетители на Колосеум испија „еден тон“ пиво, па при крајот на вечерта на шанковите имаше недостиг од нискоалкохолниот пијалок.
Освен одличното миксање и скречување, „Примо“ постојано држеше микрофон во раката и комуницираше со присутните, кои го повторуваа секој збор на раперската ѕвезда. Со тоа, многумина добија впечаток дека повеќе се слушаше говор, а премалку музика, што можеби влијаеше врз целокупниот впечаток, односно интензитетот на неговиот настап. Исто така, звукот во клубот вибрираше, децибелите нелинеарно одекнуваа низ просторот, па на моменти повеќе се слушаа довикувањата на присутните отколку музиката на Премиер. На крајот, се поделија мислењата околу неговото шоуто, но, сепак, бевме сведоци на еден од најреспектираните и највлијателни имиња од американската хип-хоп култура. |