Јанакиески избра име за бебето
Министерот за транспорт и врски и неговата сопруга Сања ја очекуваат првата рожба, син што треба да дојде на свет во јануари
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и неговата сопруга Сања се пред нов животен предизвик и со големо нетрпение ја очекуваат својата прва заедничка рожба, син, кој треба да дојде на свет во јануари наредната година.
Како што дознаваме, во игра за име на бебето биле неколку имиња од православниот христијански календар, но конечниот избор, на заедничка желба на двајцата родители, падна на Михаил. Оние што го познаваат подобро министерот велат дека е многу побожен и ги почитува црковните обичаи. Оттаму и не изненадува што инсистирал името на синот да биде дел од православниот календар, а изборот е дотолку поличен што Св. Архангел Михаил е домашна слава на семејството Јанакиески. Ако на сето тоа се додадат и двете почетни букви од името на таткото, односно на дедото (н.з. кој е покоен) Мирослав, тогаш изборот е повеќе од јасен.
Сопружниците деновиве се преокупирани со набавка на потребните работи за бебето - креветче, количка, релаксатор, бебешка облека и сета останата опрема, потребна за бебето, во што секако ќе учествуваат и бабите, кои со уште поголемо нетрпение го очекуваат доаѓањето на својот внук. И не попусто велат дека бременоста ги разубавува идните мајки - госпоѓата Јанакиеска блеска, а насмевката е постојано на нејзиното лице.
Министерот Јанакиески важи за голем верник. Не случајно ја побара раката на својата избраничка на големиот христијански празник - Божиќ, а се венчаа на Велигден на специјална церемонија во манастирот „Св. Јован Бигорски“, што е негово омилено место.
Подоцна, во мај 2010, направија свадба на која присуствуваше целиот владин врв, почнувајќи од премиерот Никола Груевски, претседателот Ѓорге Иванов, па се' до министрите Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска, Михајло Маневски, Џелал Бајрами, Иво Ивановски...
Сања носеше венчаница со потписот на познатиот дизајнер Ненад Секирарски, која ја имаше и на венчавката во манастирот „Св. Јован Бигорски“. Пред да се земат, таа и Миле беа во врска повеќе од 11 години, а извесен период пред венчавката и живееја заедно. За разлика од Миле, кој е роден прилепчанец, Сања е од Скопје и е две години помлада од Јанакиески, кој во септември наполни 32 години. (К.Ш.-Дс.Т.) |