Институциите обучени за полесно ловење на перачите
Твининг-проектот „Зајакнување на капацитети за спречување перење пари“, помогна за имплементација на европските стандарди во работата на македонските институции. Ова вчера го оценија учесниците на завршниот дел од твининг-проектот, што во изминатите 26 месеци го спроведе македонската Управа за спречување перење пари во соработка со Институтот за фискални студии од Мадрид.
Според директорот на македонската Управа, Ване Цветанов, проектот помогнал во анализа на македонскиот систем за спречување перење пари и наоѓање на неговите слабости.
Претставникот на Европската комисија во Скопје, Ерван Фуере, истакна дека во борбата против перењето пари е значајно ефективното спроведување на регулативата од европското право, како и соодветната соработка меѓу институциите и државите. „Перачите на пари и тие што го финансираат тероризмот секогаш се обидуваат да бидат чекор пред законот. Неадекватната координација и меѓународната соработка ги проширува нивните можностите да овозможува парите од нелегалните активности да бидат ’испрани‘ и пренесени преку повеќе национални системи“, укажа Фуере. Тој оцени дека овој проект успешно е спроведен и оти иден предизвик за македонските институции ќе биде способноста да ги искористат здобиените знаења.
Во текот на проектот, со вредност од 1,5 милиони евра, се одржани 75 активности, при што се обучени над 400 лица од Управата за спречување перење пари, од Финансиската полиција, Царината, Јавното обвинителство, судовите, Министерството за правда, УЈП и КХВ. (Ек.Р.) |