Мислења
Фискална децентрализација и локални демократии
Идриз Ковачи
Македонија не може да се пофали со добри резултати на полето на фискалната децентрализација
Дали општините во Република Македонија, според досега виденото, знаат само да трошат пари или, барем донекаде, се на главната патека - остварување на развојот на демократијата? Различниот одговор е очекуван, а крајната цел на патеката е јасна и недвосмислена. Но, да тргнеме од тоа во што сите мораме да се согласиме. Главна цел - развојот на демократијата, општините можат да ја постигнат само ако претходно се исполнат следните два услова: висок степен на фискална децентрализација и голема финансиска независност на општината. Само фискалната децентрализација дава можност за доминантната улога на граѓанинот. Ако граѓанинот не ги остварува своите приоритети на локално ниво, како ќе може да ги оствари на национално ниво?
Република Македонија не може да се пофали со добри резултати на полето на фискалната децентрализација. Единствено, централната власт кажува по некој убав збор за досегашните процеси. Локалните власти (сакам, ама не можам да ги наречам локални демократии) постојано изнесуваат одредени забелешки, можеби како некое оправдување или, пак, како постојано барање подобри услови за работа. Граѓаните - даночните обврзници, за кои се спроведуваат овие процеси, се постојано незадоволни. Нивните оцени се најверодостојни и заслужуваат внимание.
Најнапред да се изјасниме како ја разбираме фискалната децентрализација. Тоа е процес на зајакнување на локалната самоуправа, на локалните власти (локалните демократии) им создава добра основа за долгорочно планирање на локалниот буџет и им овозможува самостојно управување, а пред се', самостојно утврдување на расходите. Па, како да стигнеме до повисок степен на фискална децентрализација?
Клучни излезни точки за поуспешна фискална дентрализација се:
1) Прераспределба на даночниот суверенитет меѓу централната и локалната власт;
2) Збогатување на даночната структура на локалните даноци;
3) Подобрување на внатрешната структура на сите видови локални даноци;
4) Современи даночни процесни правила во локалното оданочување.
Прво, зголемено учество на општините во поделбата на даночниот суверенитет со централната власт. Мора да се зголеми правото на општината да утврдува повеќе од еден главен елемент на локалните даноци, не само стапките туку и даночните поттикнувања, даночната основа и други. Клучот лежи во член 9 од Европската повелба за локална самоуправа, која е составен дел на нашиот правен систем, бидејќи нашето Собрание одамна ја прифати. Зошто само минимумот им се дава на општините - да ги конкретизираат даночните стапки? Зошто како некогаш во поранешна СФРЈ, на општините не им се даде право целосно да ги уредуваат локалните даноци, сите нивни главни елементи? Нема опасност да настане дисфункционалност, бидејќи на централната вла��т и' стојат на располагање голем број механизми за да го спречи тоа. Можеби, токму со такви механизми, нашите општини нема да личат како „пашалак до пашалак“. Преку поголеми даночни одговорности до целосна финансиска слобода, ама и ефикасни контролни инструменти. Втор силен аргумент е веќе потврдената успешност. Ако еднаш тоа сме го испробале и дало одлични резултати, тогаш градењето по вторпат на тој систем, ќе даде уште подобри резултати. Тоа ќе биде најдобрата награда за нашите граѓани, но и оддолжување на великанот на фискалната политика, нашиот професор, академик Ксенте Богоев, кој на велемајсторски начин тоа го креираше како едно од најдобрите решенија во светски размери. На оваа малечка земја и е потребна барем мала потврда за светски достигнувања!
Второ, крајно време е за нова структура на локалните даноци. Имаме даночна структура каква што нема никаде во светот. Се разбира, основата и натаму ќе ја сочинуваат неизбежните даноци на имот, ама е веќе време структурата да се збогати со други видови даноци. А кај локалните такси веќе е срамно што се' уште употребуваме такси за кампирање со шатори, за витрини пред деловни простории, за изложби на плоштади и тротоари и слични глупости. А немаме еколошки такси - за водата, за шумите, противпожарна такса, за миленичиња и слично.
Трето, внатрешната структура на одделните видови локални даноци е катастрофална. Непрецизностите кај предметот на оданочувањето, моментот на настанувањето на данокот и шупливости во останатите елементи на даноците, го прават оданочувањето неефикасно и скапо.
Четврто, подобрувањето на процесните правила во локалното оданочување е повеќе од потребно. Неодржливо е повеќе да имаме едни процесни правила за националните даноци, а сосема други правила да се применуваат за локалните даноци.
Сепак, најважно од се' е почитувањето на правата и интересите на даночните обврзници, за кои во последно време немилосрдно не се води сметка. Но, за ова во некоја друга пригода.
Сево ова јасно покажува дека е неопходна реформа на локалните даноци, што би претставувало само продолжување на големата даночна реформа од 1994 година и воведувањето ДДВ во 2000 година. Ете можност и третпат да потврдиме дека сме способни за уште една даночна реформа.
(Авторот е универзитетски професор) |