Струмица фудбалска мека на Македонија

Од Струмица потекнуваат најпознатите македонски играчи почнувајќи од Истатов, Рингов и Пандев
Миодраг Мицковиќ
Не грешат љубителите на фудбалот во Македонија кога во шега велат: „Од кал да си, но од Струмица да си“, алудирајќи на тој фудбалски расадник на таленти, „мека“ на најпознатите играчи на нашата држава. Плејада на фудбалери од тоа јужно поднебје настапувале во најдобрите клубови во Македонија, го носеле дресот почнувајќи на Партизан, Динамо, Утрехт, Лацио, Интер, Дебрецин, Ајнтрахт од Франкфурт, да не говориме за Вардар, Тетекс, Работнички, Силекс, Пелистер, Победа...
Ни требаше навистина повеќе време да се потсетиме на тие фудбалски великани од Струмица почнувајќи од легендарниот Благој Истатов, Васил Рингов па се' до новиот фудбалски херој на Македонија, фудбалската икона Горан Пандев. Но, да почнеме со ред.
Само постарите љубители на фудбалот во Струмица се сеќаваат на голманот Ристо Николов кој во далечната 1946 година го бранеше голот на белградски Партизан, играше заедно со Бобек, Чајковски, Чолиќ, Брозовиќ, потоа и на новосадска Војводина, а кариерата ја заврши во Австралија и Америка. Меѓутоа, многу години пред него, пред Втората светска војна, уште еден голман од Струмица, Ристо Филипов, бранеше во Грција, во Докса од Драма. Тоа беа почетоци на таа фудбалска инвазија во Европа на фудбалските таленти од Струмица.
Кога сме веќе кај Партизан, ќе продолжиме со уште еден голман Благој Истатов, кој по Беласица бранеше за прилепска Победа, потоа за Партизан, а кариерата ја заврши во холандскиот прволигаш Утрехт.
И на крајот Васил Рингов, „фудбалскиот бомбардер“, играч за кого сите сметаат дека имал најсилен шут од сите фудбалери во Македонија. И неговата кариера беше блескава: Беласица, Партизан, Тетекс, Вардар, во кој се прослави надевајќи се голови, играше за загрепски Динамо и Ајнтрахт од Франкфурт.
За Вардар досега настапиле најголем број на поранешни фудбалери на Беласица. Навистина долг е списокот кој покрај Рингов го облекле „црвено-црниот“ дрес почнувајќи од голманот Благој Георгиев, Атанас Грнчаров, Трајче Георгиев, Ѓоко Георгиев, Бранко Биличев, Милан Василев, Никола Секулов, Стевче Грнчаров, Панче Стојанов, Дени Масев до оние постарите Славко Џорлев и Чедо Хаџиски.
Сезоната на струмичките фудбалери кои играа во Победа ја отвори Благој Истатов, по него за прилепчани настапуваа Ванчо Дрвошанов, Александар Трајков, Благој Митев, Костадин Секулов и голманот Томе Пандев.
Прв фудбалер од Струмица кој го носеше дресот на Работнички беше Ратко Стојанов, потоа Томе Семенков, Васко Георгиев, кој има настапувано и за Силекс, Касторија во Грција, сега игра на Кипар во клубот Акритос, Дени Масев и Панче Стојанов.
Најпознати струмички имиња во Тетекс сигурно дека беа покрај Рингов и Благој Георгиев, Стевче Грнчаров, Митко Георгиев, Ристо Божинов кој играше и за Брегалница, Томе Аљоков, додека за Брегалница настапуваа Владимир Џидалов, Митко Џорлев и Благој Ашинков. Од постарата генерација да не го заборавиме Атанас Џорлев кој со голем успех го носеше дресот на Олимпија од Љубљана кога играше во Првата лига на Југославија и Мојсеј Морарцалиев, еден од најдобрите одбранбени играчи во Македонија кој беше капитен на македонската репрезентација на традиционалните турнири на републиките и покраините. Тука е и младиот Зоран Митев кој играше за Шибеник и Пелистер.
Да се вратиме сега на најмладите, кои моментно играат во странските клубови предводени од Горан Пандев, кој блесна во Лацио, сега блеска во дресот на Интер, европскиот шампион. Аце Стојков, играше во Италија, потоа за унгарски Дебрецин, сега е во швајцарскиот клуб Арау, репрезентативците Роберт Попов, кој со Литекс стана шампион на Бугарија, во моментот игра за француски Оксер, Горан Попов, член на холандскиот прволигаш Херенвен, Зоран Балдовалиев, кој играше за Локомотив од Софија, словенскиот Публикум, во моментот е во Хапоел од Израел, член на Втората лига. Списокот ќе го завршиме со младиот Драган Стојков, кој денес настапува за членот на Првата лига на Србија Напредок од Крушевац, претходно играше во Грција.
Потсетувајќи се на сите овие имиња, можеби сме и „заборавиле“ некого, веруваме дека читателите на „Утирнски весник“ ќе не потсетат на уште некој фудбалер од Струмица, кој настапувал за најпознатите клубови во Македонија за да го комплетираме списокот на струмичките фудбалски ѕвезди.
На крајот, се обидуваме од сите овие фудбалери да направиме три комплетни состави, веруваме дека ќе бидат интересни.
Ќе почнеме од помладите: Т. Пандев, Р. Попов, П. Стојанов, Г. Попов, В. Георгиев, Масев, Балдовалиев, Г. Пандев, А. Стојков, С. Пандев и Д. Стојков.
Потоа е интересен и овој состав: Б. Георгиев, Т. Георгиев, А. Грнчаров, К. Секулов, Дрвошанов, М. Василев, М. Георгиев, Н. Секулов, Рингов, З. Митев и С. Грнчаров.
И на крајот тимот на постарите: Истатов, Хаџиски, А. Трајков, Б. Митев, Морарцалиев, А. Џорлев (М. Џорлев), Божинов, Ашиков, Семенков, Р. Стојанов, Џидалов (С. Џорлев). |