Се преполовува инвестицијата на ТАВ во Македонија?

Од 200 милиони евра, вложувањето на турската компанија ќе се сведе само на 110 милиони евра
Нина Нинеска-Фиданоска Маја Томиќ
Се преполови ли големата турска инвестиција најавена за македонските аеродроми? Која е причината што првично ветените 200 милиони евра, колку што досега се лицитираше дека ќе тежи вложувањето на турската компанија ТАВ во Македонија, сега се сведуваат само на 110 милиони евра, барем ако се земат предвид информациите што деновиве ги објавија одредени светски бизнис-портали.
Истите извори наведуваат дека намалувањето на сумата се должи на пролонгирањето на дел од инвестицијата за по 10 години, што упатува на фактот дека причина за тоа е карго-аеродромот во Штип, кој место сега, ќе се гради дури по изминувањето на една деценија.
Значи ли ова дека изградбата на каргото била проценета дури на 90 милиони евра? Тоа изгледа како превисока сума, со оглед што целата реконструкција и модернизација на скопскиот и на охридскиот аеродром ќе тежат 110 милиони евра.
Сето ова во голема мерка ја проблематизира висината на вредноста на оваа, на голема врата најавувана турска инвестиција, која уште од самиот старт пред две години ја следат контроверзи, поради одложувањата во неколку наврати, кои се правдаа со необезбедените банкарски гаранции и економската криза.
„Трошоците за проектот се намалени од 200 на 110 милиони евра, бидејќи за програмата за инвестиции е потребно подетаљно натамошно техничко објаснување и е планирано да се случи во текот на 10 години, додека ја имаат концесијата“, се вели во информациите што завчера ги презентираше „Проџект фајненс“.
Затоа, токму поради фактот што Турците во меѓувреме добија дозвола од македонските власти да ја одложат изградбата на карго-аеродромот во Штип, се претпоставува дека тоа е причината за намалување на вкупната планирана инвестиција.
Во моментов нема никаков коментар од „ТАВ Македонија“ околу тоа дали навистина се преполовува нивната инвестиција во Македонија, поради карго- аеродромот во Штип. Претставниците на оваа компанија во Македонија велат дека на секое вакво и слично прашање во врска со оваа инвестиција, одговорните од ТАВ ќе дадат официјално објаснување единствено на заеднички брифинг со новинарите. Таква била практиката на оваа компанија. Засега нема ни попрецизни информации околу тоа како на терен се одвиваат работите околу модернизацијата на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, кои, според договорот меѓу нашата Влада и Турците, веќе требаше да се одвиваат со полна пареа. Според наши информации, „ТАВ Македонија“ се' уште само го подготвува теренот за изградба на терминалната зграда на скопскиот аеродром.
Она што е добра вест е дека ТАВ, сепак, ги обезбеди најголем дел од потребните пари за реконструкција и за модернизација на македонските аеродроми. Поточно, компанијата доби кредити од 77 милиони евра од Стандард банка и Халк банка, за финансирање на изградбата на македонските аеродроми. Со овие пари ТАВ ќе располага до јули годинава. „Стандард и Халк банките ќе бидат единствените зајмувачи. ЕБРД и ЕИБ нема да учествуваат“, се вели во информацијата на „Проџект фајненс“. Претходно на ТАВ му беа одобрени 10 милиони евра од ИК банка, чиј сопственик е турската Демир Халк банка.
Од Министерството за транспорт и врски вчера изјавија дека динимиката за изградба за аеродромите останува непроменета од првично утврдените услови во Договорот за концесија. „За аеродромот ’Александар Велики‘ - Скопје изнесува 20 месеци од влегување во сила на Договорот, а за аеродромот „Св. Апостол Павле“ Охрид е 12 месеци. Рокот за изградба на карго-аеродромот во Штип, исто така, останува три години, со тоа што овој рок ќе почне да тече од моментот кога ќе се обезбедат потребните метеоролошки податоци. Изградбата на карго-аеродромот во Штип е одложена поради обезбедување на потребните метеоролошки податоци. Во Правилникот за посебните услови за планирање, проектирање, изградба и реконструкција на аеродром е дефиниран начинот, постапката и условите на кој треба да се обезбедат потребните метеоролошки податоци, а тие се во согласност со стандардите и препорачаните практики дефинирани во Анекс 14 на ИЦАО Конвенцијата за цивилна воздушна пловидба, без исполнување на овие меѓународни стандарди не може да се почне со негова изградба“, велат од Министерството за транспорт.
Оттаму повторно укажуваат дека доколу ТАВ не се придржува до обврските од Договорот за концесија и не го изгради карго-аеродромот, предвидена е веројатност за наплата на банкарска гаранција, која е во висина од 10.000.000 евра, понатаму наплата на пенали за секој ден од доцнењето на градбата и можност за еднострано раскинување на Договорот, како и наплата на штета за неисполнување на договорните обврски. (Н.Н.Ф. - М.Т.) |